Камиони со жица за ограда стигнаа на границата кон Хрватска

Камиони со жица за ограда пристигнаа во словенечкото село Голем Обрез во близина на границата со Хрватска, јави Танјуг.

Во селото се наоѓаат поголем број војници и полицајци, кои чекаат наскоро да се почне со поставување на оградата.

Словенечките медиуми јавуваат дека рано изутринава требала да почне изградбата на 1,8 метри високата ограда на границата со Хрватска, но дека таа се уште не почнала.

Се шпекулира дека почетокот на изградбата се случува во тајност, имајќи предвид дека полицијата не сакала да открие во кое погранично место се поставува ограда, а на сите делови на границата не е дозволен пристап на новинарите.

Познато е дека ограда ќе биде поставена на делови на границата, каде на бегалците им е најлесно да поминат.

Словенечката Влада се уште не соопштила кога ќе почне да ја поставува оградата, но вчера словенечкиот премиер Миро Церар изјави дека таа земја следните денови ќе постави „привремени точки на препреки“ на својата граница со Хрватска, со цел подобро да управува со приливот на мигранти, но нема да ги затвори граничните премини.

Повеќе од 170 илјади мигранти и бегалци од Блискиот Исток, Азија и Африка влегле во Словенија од средината на октомври, кога Унгарија ја затвори својата јужна граница.