Македонија

Кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“

Кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“

Детската љубов нема граници, детскиот живот нема цена, сообраќајот не е игра, децата не доаѓаат со воздушни перничиња и затоа внимавајте на нив додека возите, се дел од пораките што се испраќаат преку кампањата што почна денеска за заштита на децата во сообраќајот и подигање на свеста кај другите учесници.

Целта на надлежните институции е да се намали и сведе на нула бројот на деца жртви во сообраќајот. Во првите шест месеци од годинава се регистрирани 11 деца жртви во сообраќајот, а 12 во целата измината година.

Кампањата почна со едукативно предавање за сообраќајот за учениците од второ одделение во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Општина Аеродром, на кои им беа поделени поучни материјали, линијари со сообраќајни знаци и пораки за однесување во сообраќајот. Такви предавања до крајот на годината ќе бидат одржани во сите основни училишта во државата.

Носителите на кампањата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи, со поддршка на ОБСЕ, најавуваат дека едукативни материјали ќе се делат и на плоштадите. Истовремено преку медиумите пораки за поголема безбедност на децата во сообраќајот ќе испраќаат познати личности.

– Идејата ни е апелот за подигнување на безбедноста на децата во сообраќајот да допре до сите и се надеваме дека преку овие активности што ќе ги реализираме во претстојниот период на терен ќе успееме да го направиме тоа, изјави претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски.

Со кампањата која ќе биде сеопфатна и ќе трае долго, нагласи Стаменковски, не се насочуваме само кон децата, туку испраќаме силни пораки до родителите и до сите учесници во сообраќајот кои стојат зад воланот.

– Деновиве преку медиумите познатите личности праќаат силни пораки. Со тие пораки сакаме да допреме до нив и да ја разбудиме нивната свест и веќе следниот пат кога ќе седнат во  своето моторно возило многу внимателно да управуваат со возилото и да внимаваат на децата во соообраќајот, рече Стаменковски.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, информира, во претстојниот период ќе почне анализа со помош на која ќе се утврди методологија за доближување на сообраќајот до образовниот процес. – Сообраќајната едукација треба да стане важен дел од образованието на децата, посочи  Стаменковски.

Анастасија Илиеска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи, порача дека возрасните треба да се свесни оти токму тие се најодговорни за безбедноста на децата во сообраќајот.

–  Однесувањето во сообраќајот во иднина зависи од она што како возрасни ќе им го пренесеме. Целта е во иднина да имаме што  е можно помалку изгубени човечки животи и повредени. Нашата тенденција е да има нула жртви и повредени деца. Не е важно само она што им го зборуваме на децата, туку како  ние како возрасни се однесуваме како учесници во сообраќајот заради тоа што децата перципираат како ние се однесуваме, го примаат тоа и се однесуваат како нас, изјави Илиеска.