Кампања на ЕВН Македонија за подигнување на читачката култура кај младите

ЕВН Македонија отвори нова читалница

Во Националната Установа, Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, во Битола, ЕВН Македонија отвори нова читалница како продолжение на проектот за поддршка на македонската литература и творештво и поттикнување на читачките навики.

Еднаш неделно во читалницата ќе се одвиваат едукативни работилници за млади на возраст од 6 до 14 години, кои ќе ги спроведува Асоцијацијата „Паблик“ во соработка со Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола. Работилниците ќе ги посетуваат групи ученици од основните училишта: „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“ и „Св. Климент Охридски“.

„Оваа современа читалница е трета по ред која ја отвораме во земјава во рамките на кампањата за подигнување на читачката култура кај младата публика. Кампањата која ја креираме и спроведуваме со нашите партнери има цел преку неконвенционални методи да им се доближи книгата на учениците, но, притоа да се тргне и од нивните индивидуални потреби и афинитети. Или едноставно да читаат зошто сакаат, а не затоа што мораат“, рече портпаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачевски.

ЕВН Македонија отвори нова читалница
ЕВН Македонија отвори нова читалница

„Развивање позитивен став кон книгите и подобрување на читачките навики на младите се главните очекувања кои треба да произлезат од овие работилници. Истите ќе се темелат на спектар креативни методи и техники на работа, кои ги ослободуваат учениците од оценување. Во мисијата младите повеќе да ја засакаат книгата веруваме дека ќе помогне и мотивирачкиот амбиент каде ќе се одржуваат овие средби, кој, пред сѐ е пријателски поставен кон учениците и нивните потреби“, вели Анета Ристеска, едукатор и координатор на едукативните работилници.

Благодарност до ЕВН за поддршката и задоволство од отворањето на новата читалница, токму во просторијата која ја користи и Австриската библиотека, изрази раководителката на австриската библотека и и  почесниот конзул на Република Австрија, д-р Валентина Илиева.

За едукаторот Весела Богдановиќ, една од 50-те најдобри наставници во светот, пишувањето и  читањето кај младата публика неопходно е да се комбинираат со методи кои подразбираат креативност и играта, со што би се постигнале поголеми резултати.

За амбиентот на сите три читалници се погрижи македонската компанија „Дилајт“, користејќи ги искуствата од светскиот лидер во оваа област, „Стилкејс“, кои овозможуваат училишни простори адаптирани на современите технологии.