Кампања против употребата на петарди

Под мотото „Среќна и безбедна 2015 година – во семејно и пријателско дружење“, полицијата и оваа година продолжува со превентивни активности со цел за подигање на свеста на граѓаните во однос на употребата на петарди и други пиротехнички средатва.

Со симулациска вежба на која момче од активирана петарда се повредило и од експлозијата му се откинати два прста, добива прва помош од активисти на Црвениот крст, МВР денеска пред ТЦ Капитол во населбата Аеродром официјално ја почна годинашната кампања.

Според началничката на одделението за превенција во СВР Скопје Билјана Милевска, оваа кампања најмногу е насочена кон малолетната популација.

– Сакам да упатам апел, пред се до родителите да не им купуваат петарди на своите деца и посебно, не со свој пример да им покажуваат дека употребата на петардите и другите пиротехнички средства е пожелна сценографија за новогодишните и божикните празници, рече Милевска.

Покрај кампањата, МВР ќе преземе и мерки против продавачите на петарди и пиротехнички средства со тоа што прво ќе бидат лоцирани и потоа откако ќе бидат фатени ќе бидат поднесувани соодветни пријави.

Според статистиката, над 150 илјади луѓе во светот годишно остануваат инвалиди поради неправилна употреба на пиротехнички средства, а од нив околу 80 проценти се деца. Во Македонија во просек по 10 деца се повредени секоја година за време на новогодишната ноќ. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.