петок, 21 јули 2017  |  Вести денес: 0

Kампања за орална вакцинација на лисиците против беснило

Апелираме граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба, изјави директорот на АХВ Зоран Поповски пред почетокот на кампањата.

Kампања за орална вакцинација на лисиците против беснило

Kампања за орална вакцинација на лисиците против беснило

Последни вести

Со авионско фрлање 500.000 мамки, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска ја почна осмата кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило.

Кампањата стартуваше од спортскиот аеродром Стенковец, а ќе трае наредните неколку дена. Целта е прекинување на пренесувањето на вирусот од едно на друго животно и негово елиминирање од носителите, т.н. резервоари на болеста.

Вакциналните мамки имаат кафена боја, а се направени од рибино брашно. Во нив се наоѓа капсула во која е сместена течната вакцина против беснило. Според планот, ќе се исфрла по 21 мамка на километар квадратен. Граѓаните не смеат да ги допираат мамките, а доколку дојде до тоа и особено до контакт со течната содржина од капсулата, треба да се побара лекарска помош.

– Апелираме граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба. Доколку, сепак, се случи мамката да се допре со раце, задолжително треба да се побара лекарска помош, изјави директорот на АХВ Зоран Поповски пред почетокот на кампањата.

До најблиското ветеринарно друштво или ветеринарните инспектори, додаде Поповски, треба да се пријави секое невообичаено однесување на домашните миленици или евентуално на диви животни. Во случај на напад, односно гризнување од улично, домашно или диво животно, граѓаните веднаш да се обратат до својот матичен лекар.

– По завршувањето на оралната вакцинација на лисиците, Агенцијата ќе спроведе контрола на нејзината успешност. Поради тоа, рече Поповски, се повикуваат ловните друштва да извршат застрел на договорениот број лисици за лабораториско испитување, информира директорот на АХВ.

Мониторингот на претходните седум акции против беснило на лисиците, покажа висок процент на успешност. Годишно од оваа болест умираат преку 50.000 луѓе. Во Македонија, од 2011 година кога стартуваше акцијата за сузбивање на беснилото, беа потврдени девет случаи, осум кај диви животни (четири лисици и четири волци) и еден случај кај домашна мачка.

– Потврда за успешноста на досега реализираните кампањи за орална вакцинација на лисиците против беснило, Македонија и АХВ ја доби лани во октомври, кога Европската комисија ја стави нашата земја на листата на територии и трети земји кои ги исполнуваат европските услови за контрола на беснилото. Очекувам дека и со наредните три кампањи кои во 2016 и 2017 година ќе се реализираат во рамки на Проектот за набавка и дистрибуција на вакцини против беснило финансиран од ИПА, ќе се потврдат досегашните позитивни резултати од оралната вакцинација на лисиците, истакна Поповски.

Со Проектот за набавка и дистрибуција на вакцини против беснило, во рамки на ИПА програмата 2012, обезбедени се 968.000 евра. Покрај оваа вакцинална кампања, предвидени се уште три дополнителни кои ќе се реализираат и идната година (во пролет и есен), како и пролетна вакцинална кампања во 2017 година.

Вакцинацијата на лисици е регионална иницијатива за искоренување на беснилото во Источна Европа, која се спроведува заедно со временската усогласеност на имплементацијата во сите земји од Западен Балкан.

Оралната вакцинација се врши со авионска дистрибуција на вакцинални мамки на целата територија на земјава, со исклучок на градовите и густо населените места, водените површини и високите планински врвови.

 

Најчитани вести