Македонија

Кампања за поголема безбедност во сообраќајот на ранливите групи

Кампања за поголема безбедност во сообраќајот на ранливите групи

Поголема безбедност на ранливите групи учесници во сообраќајот е новата кампања на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата која од денеска до крајот на мај ќе се реализира на територијата на Република Македонија, истакна денеска на прес-конференцијата претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски, пренесува МИА.

– Оваа кампања претставува континуитет на кампањата што Владата на Република Македонија ја спроведе минатата година насловена „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“, посочи Стаменковски и додаде дека кампањата се реализира во соработка со МВР и останатите јавни и државни институции.

Приоритетна целна група на кампањата се возачите, зголемувањето на нивната свест и почитувањето на правилата и прописите восообраќајот.

– Основна цел на кампањата е подигнување на свеста за одговорно учество во сообраќајот на пешаците, велосипедистите и мотоклицистите како ранлива група на учесници во сообраќајот, рече Стаменковски.

Кампањата што ќе трае 45 дена тематски ќе биде поделена на четири дела. Првиот дел започнува од утре, а ќе трае до 1 мај, се однесува за поголема безбедност за пешаците. Вториот дел ќе биде насочен за подигнување на свеста и безбедноста на велосипедистите како учесници во сообраќајот. Третиот дел од кампањата ќе се реализира во периодот од 15 до 31 мај, а ќе биде за подигнување на свеста кај младите со посебен акцент на матурантите и четвртиот дел ќе се реализира од 25 до 31 мај со фокус на безбедноста на мотоклицистите.

Во рамките на кампањата се планирани и повеќе активности како средби со ученици, средношколци и основци, средби со родители, пешачки паради како и едукативни емисии.

Од РСБСП најавија дека од оваа година јавни личности со праќање на СМС пораки ќе дадат придонес во подигнување на свеста кај учесниците во сообраѓајот.

Државниот секретар на Министрството за внатрешни работи Анастасија Илиеска истакна дека пешаците се најранлива група бидејќи тие се најмногубројни жртви во сообраќајот.

– Бројот на загинати пешаци во 2012 година во споредба со 2001 е намален за 50 проценти но и покрај ова бројот на жртви е висок. Во 2013 година 45 пешаци беа жртви, а во 2014 тој број е намален за десет односно 35. Во првите три месеци од оваа година седум пешаци загинале како жртви во сообраќајот, информира Илиеска.