Кампања за превенција на насилството врз децата

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска се вклучува во глобалната кампања „19 дена за превенција против насилството врз децата“ со што ќе ги одбележи Светскиот ден за превенција од насилство врз децата и Светскиот ден на детето.

Светски ден за превенција од насилство врз децата – 19 ноември се одбележува во 88 земји, а годинава „Меѓаши“ ќе алармира за влошувањето на состојбата со насилството врз децата. Посебен акцент ќе биде ставен на превенција од зависностите и злоупотребата на наркотични супстанци.

Во Република Македонија бројот на случаи на педофилија и родосквернавење е зголемен, но, според „Меѓаи“, многу од жртвите не ги пријавуваат овие случаи затоа што извршителите најчесто се нивни блиски роднини или пријатели.

– За нас, како Детска амбасада, загрижувачки е податокот дека на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 добиваме и дојави во кои малолетници под 14 годишна возраст се јавуваат како осомничени за сексуална злоупотреба на дете. Сексуалната злоупотреба е особено трауматична за детето и остава далекусежни последици врз севкупниот развој. Затоа потребно е децата да се едуцираат за тоа како да постапат доколку се најдат во опасна ситуација и како да се заштитат од можна злоупотреба. Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоупотреба на децата, соопшти Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Како најчест вид насилство во државата, како што информира „Меѓаши“, се јавува семејното. – Минатата година, според податоците на СОС телефонот за деца и млади, од 408 деца потенцијални жртви, 62 деца биле жртви на насилство во смејството. Најголем број од децата-жртви на семејно насилство се однесуваат на физичко и психичко насилство и негрижа врз дете. Овие податоци го потврдуваат фактот дека во минатото, но за жал и сега, родителите често физичкото и психичкото насилство ги користат како дисциплински мерки со кои се обидуваат да го наметнат својот авторитет и на таков начин да ги воспитаат и дисциплинираат своите деца, посочува „Меѓаши“.

Повеќе од половина или 53 отсто од 215 милиони деца во светот работат во опасни услови, а состојбата, според Првата детска амбасада“ е алармантна и во Македонија.

– Според нашите сознанија, повеќе од 2.000 децата во Република Македонија денот го поминуваат на улица во субстандардни услови, живеејќи под ведро небо, без родителска грижа. Најчесто овие деца се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд. Загрижува и состојбата со децата без извод од матична книга на родените и деца, кои се исклучени од редовниот и задолжителен образовен процес. Сепак она што е уште позагрижувачки е фактот што во нашата земја не постои официјална база на податоци за утврдување на точната состојба и бројот на овие деца, велат од „Меѓаши“.

Правата детска амбасада во светот „Меѓаши“ смета дека за да се превенира насилството на подолготрајна основа, потребно е навремено санкционирање и казнување на сторителите без разлика за каков вид на насилство станува збор и кој е вршителот на насилството. Доколку децата се јават како сторители, тогаш потребно е стручните лица од соодветните институции да ги преземат сите неопходни мерки и активности со цел да се рехабилитира детето-насилник и да се откријат подлабоките причини за појава на таков вид однесување. Сите они кои дирекно или индирекно, свесно или несвесно влијаеле и предизвикале такво однесување кај детето треба да се санкционираат. Потикнувањето на агресија, дискриминација и нетолеранција исто така треба да биде казнето и санкционирано. Доколку сторителите не се казнат, тие повторно ќе продолжат со својот модел на однесување и на индиректен начин институциите кои се одговорни да го казнат и спречат таквото однесување всушност го одобруваат и му даваат поголема моќ на насилникот.

Работата на „Меѓаши“ е заснована на принципите и начелата на Конвенцијата за правата на детето и факултативните протоколи, ратификувани и во Република Македонија. Целта на Обединетите Нации со воведување на Светски ден на детето – 20 ноември, е да го привлечат вниманието за значењето на благосостојбата на децата низ целиот свет.