Кампања за превенција од рак на дебело црево

Здружението „Борка“  во Скопје Сити мол по втор пат постави макета на дебело црево. Целта е на експлицитен начин да ја запознае јавноста со ракот на дебелото црево и кои се начините за негова превенција, рано дијагностицирање, како и современ третман. Граѓаните денеска и утре ќе можат да земат едукативни брошури кои содржат корисни информации за превенција, рана дијагностика и современ третман, а истите ќе бидат дистрибуирани преку волонтерите на Здружението.

Претседателот на Здружението за борба против рак „Борка-за секој нов ден“, Биба Додева рече дека е зголемен интересот за ФОБ тестот, кој бесплатно се добива кај матичен лекар. Таа посочи дека во текот на оваа година треба да се посвети внимание и на ажурирање на новата позитивна листа на лекови.

Проф. Д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје на Македонија потенцираше дека организирале дистрибуција на пропаганден материјал, постери и брошури кои, како што рече, биле еден вид повик до граѓаните и упатство како да го направат тестот, упатство до здравствените работници како да се поврзат во мрежата која се воспостави со цел процесот да се одвива беспрекорно и резултатите од тестовите да бидат внесувани во регистарот за колоректален карцином.

Проф. д-р. Васко Василевски, од Клиничката болница Аџибадем Систина специјалист гастроентерохепатолог, посочи дека ракот на дебелото црево само 10 проценти е генетски, а 90 проценти се резултат на стилот на живеење. Овој тип карцином може да се превенира во ран стадиум, доколку навремено се извршуваат соодветни лекарски прегледи. Тој истакна дека инциденцата и морталитетот за рак на дебело црево е зголемена и дека битен момент за заштита од овој вид на карцином се редовната физичка активност, здрав режим на исхрана, откажување од штетните навики како шушењето и алкохоот и др.