Свет

Канада воведе санкции против рускиот гигант „Роснефт“

Канада воведе санкции против рускиот гигант „Роснефт“

Канада вчера ја информира јавноста за новите санкции против Русија, што се однесуваат на нафтениот гигант „Роснефт“ и политичките и воени претставници на украинските проруски сепаратисти, информира ТАСС.

Два месеца по своите последни санкции, насочени против руските интереси во нафтениот и гасниот сектор, Канада повторно се насочи против руската економија со санкциите против „Роснефт“.

Последици од новите санкции ќе имаат и батаљоните на проруските сепаратисти во Доњецк и Луганск, како и нивните политички организации. На канадскиот список за санкции вкупно се додадени 11 Руси и 26 украински проруски сепаратисти. Меѓу лицата кои добија забрана за патувања во Канада се министри на самопрогласените сепаратистички републики во Доњецк и Луганск. Меѓу Русите Анатолиј Антонов, рускиот заменик министер за одбрана и пејачот Јосиф Кобзон.

Освен „Роснефт“ во рускиот дел од списокот со забрани е и движењето „Новорусија“.

Канадската Влада останува одлучна да застане на страната на украинскиот народ против континуираната воена агресија на Русија, се наведува во соопштението на канадскиот премиер Стивен Харпер.

Тој подвлече дека мерките се донесени како одговор на серијата тешки акти на агресија, извршени од екстремистичките единици од Русија.

„Доколку мировниот договор од Минск не успее, Канада е решена да наметне нови санкции. Канада го признава суверенитетот и територијалната целост на Украина и никогаш нема да ја признае незаконската руска окупација на кој и да е дел од земјата“, се наведува во соопштението на канадскиот премиер.