Канадската полиција истражува сомнителна смрт на милијардер и неговата сопруга

Канадската полиција објави дека ја истражува мистериозната смрт на милијардерот Бари Шерман, основач на канадската фармацевтска компанија „Apotex“ и неговата сопруга Хани, кои во петокот се најдени мртви во нивниот дом во Торонто.

Нив двајцата полицијата, којашто дошла по повик за итна медицинска помош, ги нашла мртви во нивниот дом во богат кварт на канадската метропола Торонто.

„Околностите на нивната смрт се сомнителни и ние според тоа така постапуваме“, изјавил полицискиот офицер Дејвид Хопкинсон.

Полициските иследници на новинарите пред куќата на брачната двојка им кажале дека немало траги на насилно влегување.

Седумдесет и петгодишниот Бари Шерман, ја основал во 1974 година фармацевтската компанија „Apotex“ којашто вработува 11.000 луѓе и е седмата по големина светски производител на генерички лекови, според податоците од интернет страницата на компанијата.

Магазинот Forbes вредноста на имотот на Шерман ја проценува на 3,2 милијарди американски долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.