Канал 5: Ни трага, ни глас од најавуваната стратегија на СДСМ

Петте илјади тимови на Социјалдемократскиот сојуз, чии активности беа најавени во август и требаше да бидат предвесник на жешка политичка есен, засега никој не ги видел, а ниту од партијата има каква било информација за нивната работа на терен, објави Канал5.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов,  пред повеќе од еден месец изјави дека тимовите се на терен и активно работат, но во јавноста не се забележува тоа бидејќи партијата не сакала внатрешните активности да ги прави пред очите на јавноста.

Активностите на тимовите ги најави партискиот лидер, Зоран Заев како дел од новата стратегија. Заев тогаш рече дека тие тимови ќе бидат во постојан контакт со граѓаните и ќе работат на секојдневните проблеми.

-Над 5 000 тимови ќе бидат во контакт со секое семејство во државата. На луѓето ќе им понудиме шанса да кажат што мислат и тие да влијаат на она што и се случува на Македонија. Во Македонија мора да го вратиме правилото дека навистина `се зависи од граѓаните. И дека задачата на политичарите не е да диктираат, туку да слушаат и да служат, да ги решаваат нивните проблеми, а не своите, изјави Заев во август годинава.

Сепак и по речиси два месеци од најавата на Заев до денес нема информација какви активности извршуваат и дали има резултати од нивната работа, заклучува телевизијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.