Судот во Солун денеска одлучува за екстрадиција на Грујовски и Бошковски

По испратените документи од Македонија за екстрадиција на Грујовски и Бошковски, судот во Солун денес ќе одлучува дали ќе одговори позитивно или негативно на барањето на македонската страна, објави телевизијата „Канал 5“.

Надлежен за носење одлука е советот на судии во солунскиот суд, составен од 3 члена, судии и јавен обвинител кој најчесто во вакви случаи, според нашите информации, одржува јавно и отворено рочиште, освен во случаи кога постои посебно барање за да се одржи зад затворени врати.

Грујовски и Бошковски заедно со нивните адвокати од Грција, како што дознава Канал 5, денеска напладне ќе бидат изнесени пред советот на судии за да се разгледа барањето за екстрадиција.

Во вакви случаи во Грција, ако одлуката на судот е позитивна по македонското барање, односно доколку судот реши двајцата „бегалци“ да бидат екстрадирани во Македонија, тие имаат можност да поднесат жалба, па случајот да го разгледува Врховниот суд во Атина. Последниот збор, пак, ќе го има министерот за правда на Грција кој ја потпишува негативната или позитивна одлука за екстрадиција.

На почетокот на месецов, македонското министерство за правда ги испрати документите за екстрадиција за Грујовски и Бошковски кои на 18-ти октомври беа уапсени на аеродромот во Солун со фалсификувани документи. Против нив се водат два различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши.

За вториот процес, откако судот не успеа да обезбеди преведувач од грчки на македонски јазик и обратно, судското рочиште 2 пати беше одложувано и одново закажано за во петок, први декември.

Веднаш по апсењето, а во пресрет на првото рочиште, Грујовски и Бошковски беа држени во централната зграда на грчката полиција во Солун во одделот за трансфер на уапсени лица. Меѓутоа поради големиот временски рок до следното рочиште, како што дознава Канал 5, беа одведени во затворот Диавата во близина на Солун.

Од самиот почеток па се до сега, до денешното судење за екстрадицијата, грчките медиуми, со мали исклучоци (одредени портали од Солун), не покажаа никаков интерес за новинарски да го покријат целиот случај.