Канцеларија на ФЗОМ во Маврово-Ростуше

Истурена канцеларија на ФЗОМ започна да работи во Маврово-Ростуше. Канцеларијата е отворена секој работен ден во периодот од 12 до 14:30 часот.

Канцеларијата ќе опслужува 42 населени места

Канцеларијатае отворена на барање на граѓаните на Маврово-Ростуше, а во соработка со општината и Здравствениот дом, во чии простории е сместена канцеларијата. Овој истурен пункт на ФЗОМ е отворен со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои живеат во општината, на печалбарите кои во летниот период доаѓаат во посета на родниот крај, на туристите, како и на граѓаните кои имаат викенд куќи.

Правата од здравственото осигурување во оваа канцеларија може да ги остварат граѓаните од 42 населени места, доколку за тоа имаат потреба.

Осигурениците, фирмите и здравствените установи можат да добијат неколку услуги и тоа: пријави и одјави во здравствено осигурување, а покрај пријави и одјави (ЗО 1 обрасци) во здравствено осигурување, се врши и евивиденција на потврдите за редовно школување, заверка на потврда за ортопедски помагала, а за дел од помагалата, за кои е потребно мислење од Лекарска комисија, осигурениците ќе може своето право да го остварат во Подрачната служба -Гостивар.

Во канцеларијата се овозможува прием на фактури и на останатата финансиска документација од матичните лекари, поднесување барање за рефундација на лекови (примарна/болничка листа), вграден и потрошен материјал, услуги и патни трошоци, поднесување барање за рефундација на лекување во странство, поднесување барање за рефундација или остварување на правото за медицинска рехабилитација, ќе се издаваат потврди за ослободување од партиципација во цената на здравствените услуги за крводарители и лица со посебни потреби, поднесување барање за остварување на право по основ на надоместок за боледување, како и поднесување барање за издавање двојазичен образец за остварување на правото за користење здравствени услуги за време на привремен престој во странска земја.

Двојазичниот образец ќе биде изработен во подрчаната служба – Гостивар и наредниот ден ќе му биде доставен на осигуреникот во истурената канцеларија.

Следејќи ги потребите на осигурениците, на фирмите, како и на матичните лекари, ФЗОМ изминатиот период, отвори пунктови – истурени канцеларии во 16 населени места од следниве општини: Скопје, Тетово, Охрид, Куманово, Дојран и Македонска Каменица. Со овој чекор Фондот за здравствено осигурување на Македонија овозможува полесно остварување на правата на осигурениците, се вели во соопштението на ФЗОМ.

 

 

ФЗОМ исто така отвори и аптеки во рурални средини на подрачјето на целата земја се со цел полесна пристапност на граѓаните до потребните лекови.