Канцеларијата на ОН за човекови права го осуди масакрот во Газа

Канцеларијата на Обединети нации за човекови права денеска го осуди „ужасното смртоносно насилство“ на израелските безбедносни сили во Појасот Газа во текот на вчерашните протести и побара независна истрага,јави „Ерусалим Пост“.
Во вчерашните протести израелската војска на границата меѓу појасот Газа и Израел уби 58, а рани преку 2.700 Палестинци кои протестираа против отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим.

Израел има право да ги брани своите граници според меѓународното право, но смртоносна сила може да биде употребана само како последна опција и истата не е оправдана со тоа што Палестинците приоѓаа до граничната ограда, изјави портпаролот на Канцеларијата на ОН, Руперт Колвил.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи седница за новонастаната ситуација во Појасот Газа. Седницата е на барање на Кувајт, а палестинскиот претставник побара СБ да го осуди убивањето на Палестинци. Израелскиот претставник во ОН, пак, побара од СБ да го осуди Хамас, кој ги предводеше протестите поради отворањето на новата Амбасада на САД во Ерусалим.