Канческа-Милевска: Македонија има извонреден театар и врвни уметници

Канческа-Милевска потсети дека во Велес се поставени темелите на македонскиот театар и оти тоа е родниот град на првата жена актер Тимка Коларова, на бардот на македонското глумиште Петре Прличко и на големиот македонски просветител Јордан Хаџиконстантинов – Џинот.

– Наша обврска и  цел беше македонските театарски уметници по долги години поминати во импровизирани објекти да добијат можност да творат во театри со најсовремени технички перформанси. Затоа ги изградивме МНТ и Велешкиот театар, почнавме со изградба на Струмичкиот театар кој до крајот на годината ќе биде промовиран пред македонската јавност, рече Канческа-Милевска.

Потсети и дека се гради Турскиот театар во Скопје, а до крајот на годината, додаде, ќе заврши и реконструкцијата на Албанскиот театар и ќе почне изградбата на Драмскиот театар, а се работи на изградба и на театарот во Охрид и театарот Комедија. Продолжува изградбата на театарот и библиотеката во Тетово, а театрите во Битола, Прилеп и Куманово ќе добијат објекти со најсовремена технологија.

Министерката за култура ја издвои клучната мерка со која, како што рече, се зајакна кадровскиот потенцијал на уметничките ансамбли на професионалните театри.

– Во изминатите осум години во театрите и во центрите за култура се реализира над 450 вработувања, од кои се вработија 223 уметници – актери, драматурзи, режисери, како и над 220 лица во делот административно-технички персонал, потенцира Канческа-Милевска.

Нашите институции денеска, нагласи, располагаат со уметнички кадар кој може да одговори на сите професионални предизвици, кадар кој создава театарски претстави, кои се пандан на остварувањата на врвните театри од Европа и светот.

Според министерката, изминатиот период сите театри и поголем број на центри за култура ја збогатиле својата сценска, светлосна и тонска опрема.

Директорот на Велешкиот театар Јордан Витанов во име на театарот посака уште многу аплаузи, публика и многу убави и пријатни доживувања во нашите театри.

На одбележувањето на Светскиот ден на театарот присуствуваа директори на национални театарски институции, театарски фестивали и театарски работници.

Вечер во Велешкиот театар по тој повод ќе биде изведена премиерно претставата „Театар љубов моја“ на Валери Петров, а во режија на Деан Дамјановски.