петок, 23 декември 2016  |  Вести денес: 0

Канческа-Милевска на снимањето на филмот „Жртва“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска присуствуваше на снимање клапа од филмот „Жртва“.

kanceska-milevska-1-640x294

Поврзани вести

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска присуствуваше на снимање клапа од филмот „Жртва“.

Филмот е во режија на Марија Џиџева, а станува збор за копродукциски проект меѓу Македонија и Србија, поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, согласно Програмата за финансирање филмски проекти од национален интерес за 2015 година.

Ова е прво долгометражно остварување на режисерката Џиџева, која има реализирано огромен број документарни и кратки филмови. Со нејзините остварувања има огромни успеси, и за неа и за Република Македонија, рече Канческа-Милевска.

Во периодот од 2008 до 2015 година, преку Агенцијата за филм поддржани се 223 филмски проекти. Од нив 72 се долгометражни играни филмови, за кои е обезбедена поддршка од 25,9 милиони евра, 67 се документарни филмови, 65 краткометражни играни и 19 анимирани филмови.

Министерката за култура потсети дека „Жртва“ е трет филм што се снима годинава во Македонија, по „Ах, љубов моја“ на Коле Ангеловски и „Слобода или смрт“ на Владимир Блажевски.

Во изминатите години во филмската дејност се остварија големи резултати. Заложбите на Владата, токму во оваа дејност се потврдуваат со огромен број факти. Оваа година се планира да се завршат 24 филмови, 9 долгометражни играни, 11 документарни и четири кратки филмови. Годинава фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се отвори и затвори со македонски филм, што говори за силната поддршка што ја дава Владата во филмската индустрија и за залагањата на Агенцијата за филм во нивната поддршка на македонската кинематографија, рече Канческа-Милевска.

Таа истакна дека годинава Агенцијата за филм ќе има можност да одлучува од четири македонски филмови и да номинира еден филм за „Оскар“.

Во „Жртва“ една од главните улоги ја толкува српската актерка Мирјана Карановиќ, а играат и македонските актери Данчо Чеврески, Наталија Теодосиевска, Дениз Абдула, Димитар Георгиевски, Даниела Ивановска, Петар Ѓорѓиевски и Димитар Илиевски. Сценарист на филмот е Огнен Георгиевски, а директор на фотографија е Дејан Димески. „Жртва“ досега има добиено поддршка и од Филмскиот центар во Србија.

„Жртва“ е филмски проект од жанрот драма, која се случува за време на воениот конфликт во Македонија.

Актерката Карановиќ истакна дека игра улога која не и непозната, односно жена од Балканот. Се работи за приказна за три семејства и додаде дека непокажувањето слабост и емоции е многу присутно, од генерации во генерации.

Режисерката Џиџева нагласи дека работи со прекрасна екипа и упати благодарност за поддршката до Министерството за култура и Агенцијата за филм.

Станува збор за три жени, кои се на различна возраст, на 30, 40 и 50 години, кои живеат во една иста зграда. Во еден одреден момент им се случуваат некои внатрешни превирања, немири, а во исто време се случува и нешто во нашата земја Македонија. Филмот се случува во 2001 година, рече Џиџева.

Според неа, секоја од женските ликови успева да се избори на свој начин со себе си и да го продолжи животот. Премиерата на филмот е предвидена за следната година.

Најчитани вести