Канческа Милевска: Владата на Заев непромислено потиша штетен договор со Бугарија

Социјалдемократскиот сојуз сосема нетактички и непромислено, непочитувајќи ги државните и националните интереси го склучи договорот со Република Бугарија, без притоа да обезбеди поволна позиција за Република Македонија во повеќее точки од самиот договор. Договорот за добрососедство со Република Бугарија кој го потпиша владата на Зоран Заев е во спротивност со македонските државни и национални интереси и прави од македонската страна губитник во целиот процес, рече во вторникот поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Непосветениот Зоран Заев го претстави договорот пред македонската јавноста како ситуација во која нема победник, нема ни губитник, по неговите зборови требало да ја гледаме чашата како полу полна. Но всушност заслепен од власта и омразата кон патриотизмот на сопствениот народ, потпиша договор во кој Република Македонија не е во предност, ниту во една точка од истиот“, рече Канческа Милевска.

Таа оцени дека единствената обврска која ја има Бугарија согласно тој договор, во суштина не е никаква обврска и притоа посочоина во членот 2 став 2 од договорот за добрососедство, стои обврската за Република Бугарија притоа цитирајќи го:

„Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да ѝ помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО“.

Во суштина ова не е никаква новина, и ова не е никаква обврска за Република Бугарија, рече Канчевска Милевска, бидејќи нема никаква промена и во досегашниот став на Бугарија.

„Ваков став и досега имаше Бугарија, исто како што имаше и на пример Естонија и Данска. Со овој член од договорот Бугарија вели дека ќе се согласи со одлуката која што ќе биде донесена од страна на врвот на НАТО“, рече Канческа Милевска.

Додаде дека доколку премиерот Заев сакал да извојува фер позиција за Македонија, во договорот требало да ја вклучи пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, во врска со спорот за името со Грција, во која според сите норми на меѓународното право беше пресудено дека Република Македонија може да се приклучи кон НАТО согласно времената спогодба.

„Со овој член од договорот Зоран Заев буквално ја обврзал Република Македонија поддршката од Република Бугарија за влез во НАТО да ја добие тогаш, кога за тоа ќе добие амин од Грција, односно ќе го смени името на државата по грчки терк“, кон статираше Канческа Милевска.

За неа ова претставува „уште еден пример“ зошто договорот е штетен и не е во полза на Македонија, на нејзините државни и национални интереси.

„Ги повикуваме пратениците на Социјалдемократскиот сојуз да не дадат поддршка на договорот кој го потпиша неодговорната влада на Зоран Заев. Има време за корегирање и постапување согласно македонските интереси. ВМРО-ДПМНЕ ги потсетува македонските граѓани дека постои начин да се казни Социјалдемократскиот сојуз за ваквиот однос и непочит кон мнозинството граѓани во Република Македонија, а тоа се следните избори во Македонија на 15 октомври, каде што Зоран Заев ќе биде поразен и ќе биде делегитимиран“, порача Канческа Милевска.