Канческа-Милевска на Форум за култура и културни индустрии

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска денеска учествува на Третиот светски форум за култура и културни индустрии кој на темата „Култура, креативност и одржлив развој. Истражување, иновација и можности“, од 2 до 4 октомври се одржува во Фиренца, Република Италија.

На овој еминентен собир кој е во организација на УНЕСКО, Италијанската Влада, регионот Тоскана и општината Фиренца, министерката за култура Канческа-Милевска ќе има официјално обраќање како клучен говорник на темата „Културата движечка сила за развој-искуства на Македонија“. Канческа-Милевска ќе се осврне на важноста на културата како активен фактор на развојот на индивидуално, локално, национално, регионално и глобално ниво, како и за културната политика на Република Македонија која е во функција на севкупниот општествен развој.

На Форумот учествуваат еминенти гости од политичкиот и општествениот живот, меѓу кои се и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и други високи претставници на оваа организација, италијанскиот министер за културно наследство, активности и туризам, Дарио Франческини, министрите за култура на Србија, Иван Тасовац и на Босна и Херцеговина, Средоје Новиќ, градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, видни меѓународни експерти, професори на Универзитетот „Колумбија“, истакнати личности од приватниот сектор и цивилното општество.

Тридневниот форум во Фиренца претставува значајна иницијатива на УНЕСКО, преку неколку панел-дискусии да се разговара за една глобална и актуелна тема како што е културата и нејзиниот одржлив развој. Присутните ќе дебатираат и за местото и интегрирањето на културата во Агендата за развој на Обединетите нации по 2015-та година, како и за потребата од координирано и планско дејствување на секторот култура со другите релевантни сектори во државата–економија, финансии, локална самоуправа и заштита на околината.

Меѓу останатото, на конференцијата ќе стане збор и за други особено важни теми, како што се културата и креативноста, културните индустрии, вработувањето и растот, иновацијата, технологијата и предзнаењата за одржлива иднина, моќта на културата во насока на создавање инклузивни општества и друго. Во рамките на форумот ќе биде организирана и тркалезна маса посветена на заштитата на културното наследство на која ќе бидат презентирани успешните примери од соработката на Италија и УНЕСКО. Конференцијата завршува во сабота со усвојување на Декларацијата од Фиренца.