Канческа-Милевска се сретна со генералниот директор на УНЕСКО

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамки на работната посета на Париз вчера имаше средба со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која разговараа за досегашната соработка и идните активности, информира Министерството за културa,пишува МИА.

На средбата бил подвлечен партнерскиот однос што Република Македонија го негува со УНЕСКО,а кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина.

Канческа-Милевска изразила задоволство што за релативно кусо време на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство беа впишани две културни добра од Република Македонија: обичајот Четрсе – Празнување на светите четириесет маченици, и машкото соборно оро „Копачката“.

– Таа го изрази своето уверување дека годинава Комитетот на оваа конвенција ќе ги впише во Листата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО машкото двогласно пеење „Гласоечко“ и мултинационалната апликација „Мартинки“ во која, покрај Бугарија, Романија и Молдавија, партиципира и Република Македонија. Канческа-Милевска посочи дека нашата држава и во иднина ќе продолжи со своите заложби за што поголема заштита и промоција на нематеријалното културно наследство, информира Министерството за култура.

Фотографијa МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.