Канческа – Милевска: Со стимулативните мерки се унапредува културата

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска одговарајќи на пратеничко прашање рече дека стимулативните мерки кои се воведени во сите дејности од областа на културата се преточени во Националната стратегија од областа на културата, која ја донесе Владата па потоа Собранието за периодот од пет години, односно до 2017 година, пренесе МИА.

– Навистина ми е драго што во Националната стратегија се најдоа овие стимулативни мерки со кои ќе придонесеме во унапредување на културата, бидејќи сепак таа е доста специфична и сегментарна, рече Канческа-Милевска.

Додаде дека треба да се даде почит и признание кон сите уметнички вредности во нашата држава и тоа се прави континуирано со поддршка на проекти од национален интерес.

– Започнавме со воведување на стимуалтивни мерки и тоа во сите дејности. Со стимулативната мерка во делот на сериозната, класичната музика врз основа на објавенот конкурс беа откупени дела на 42 автори. Овие дела се целосно реализирани преку нашите национални институции и Македонската опера и  Македонскиот театар, Македонската филхармонија како и помалите дела што беа изведени од страна на Сојузот на композитори вклучувајќи и одделни оркестри коишто ги зведе овие помали дела, рече Канческа-Милевска.

Додаде дека ќе продолжат со оваа мерка и годинава, се со цел да се даде поддршка на авторите во делот на серизоната музика и овие дела да бидат изведени пред јавноста.

Говорејќи за издавачката дејност, министерката за култура рече дека Македонија е земја која посветува, финансира и дава поддршка во делот на оваа дејност која се наоѓа во приватниот сектор.

– Покрај годишниот конкурс ние воведовме и една стимулативна мерка која се однесува  за странски издавачи. Секоја година се објавува конкурс кој е наменет за странски издавачи кои се јавуваат со превод на наши дела, рече Канческа – Милевска, пренесе МИА.

Мерката, како што додаде, наиде на многу позитивен одек од страна на јавноста и на стручната фела.

Истакна дека е воведена и симулативна мерка во делот на драмската уметност и оти на вториот конкурс се откупени драмски текстови се со цел да бидат изведени од нашите национални театри. – На овој конкурс прифативме три нови драмски текста на автори што беше за изненадување и помлади автори коишто не се познати многу во јавноста, така да овие дела ќе бидат поставени на репертоарот на нашите национални театри, истакна министерката.

Во оваа прилика Канческа-Милевска ја спомена и стимулативната мерка во делот на ликовната уметност каде е започнат откуп на ликовни дела од наши македонски уметници.

– Минатата година во оваа мерка влегуваа покрај ликовните дела и помали формати на склуптури на склуптурални решенија кои може да се најдат во галериите на нашите институции. На првот откуп беа откупени над 65 уметнички дела на наши  ликовни познати автори се со цел јавноста да ги види овие откупени дела имавме и посебна изложба во Националната галерија каде што јавноста можеше да се запознае што е октупено на првиот конкурс, рече Канческа-Милевска.

Овие дела, како што додаде, ќе се најдат во постојаните поставки и на Музејот за современа уметност и Националната галерија, како и во некои наши државни институции. Додаде дека до крајот на мај ќе се објават и новите резултати од вториот конкурс во однос на оваа стимулативна мерка.

Сите стимулативни мерки, според министерката за култура, се од огромно значење за нашите уметници и за унапредување на нашата култура.

– Нема да застанеме тука, ќе продолжиме со овие стимулативни мерки кои имаа позитивен одек и одраз и од страна на нашите институции, рече Канческа-Милевска, пренесе МИА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.