Канческа–Милевска во работна посета на Република Албанија

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска престојува во еднодневна работна посета на Република Албанија во чии рамки ќе оствари билатерална средба со албанската колешка Мирела Кумбаро.

На средбата, како што соопштуваат од Министерството за култура, двете министерки ќе ја потпишат Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2015–2020 година.

Овој значаен документ ќе претставува правна рамка за унапредување на соработката, како и за интензивирање на размената на проекти меѓу институциите од културата од двете земји. Со потпишувањето на Програмата за соработка, ќе се отвори можноста на годишно ниво да се договараат активностите кои ќе се реализираат меѓу двете страни.

Република Македонија и Република Албанија имаат добра соработка во сите дејности на културата. Досега се реализирани многубројни активности во областа на заштитата на културното наследство, а се забележани и голем број гостувања на театрите од Македонија во Албанија, како и реципрочни гостувања на театрите од Албанија на меѓународните фестивали во нашата земја. Значајна е и соработката во музичко-сценската, фолклорната и во издавачката дејност, како и во филмската уметност, каде беа реализирани копродукциски проекти.