Македонија

Канческа-Милевска засади чемпреси во околината на езерото Младост

Канческа-Милевска засади чемпреси во околината на езерото Младост

Oколината на езерото Младост денес беше локацијата каде во рамките на 14-тата по ред Национална акција „Ден на дрвото 2014” се засадија околу 20.000 садници на површина од 5 хектари.

Река од ученици и нивните наставници, вработени во администрацијата, јавните претпријатија, припадници на АРМ, вработени од ЈКП „Дервен” и граѓани на Велес активно се вклучија во акцијата „Ден на дрвото” за да придонесат во создавањето на здрава и чиста животна средина за сегашните и идните генерации.

Заедно со граѓаните денеска беа и градоначалникот Славчо Чадиев, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, пратеникот Ѓорѓи Коџабашиев, како и останати функционери од централната и локалната власт кои се вклучија во годинешната акција за пошумување под мотото „Стоп за катастрофите”.

-И годинава ќе ја исполниме задачата. Ќе засадиме 20 000 чемпреси. Временски услови се поволни и очекувам акцијата да помине одлично, истакна Чадиев.

-Со граѓаните на Велес денеска сум вклучена во оваа акција, која е многу благородна. Засадивме прекрасни чемпреси. Природата е нашето најголемо богатство и на овој начин придонесуваме за неа, рече министерката Канческа- Милевска.

2500DSC 0100

– Акцијата започна во март 2008-та година. Досега во Македонија се засадија над 50 милиони дрвца, а само во оваа акција околу пет милиони, напомена пратеникот Коџабашиев.

Акцијата за пошумување освен во текот на денешниот ден ќе продолжи и во наредните. Екипи на шумското стопансто „Бабуна“ ќе бидат ангажирани во садењето и набљудувањето на веќе насадените дрвја.

Од нивна страна, скоро 320.000 садници ќе бидат насадени на површина од околу 78 хектари во близина на Велес.