Кандидати

За пролетните, претседателски избори станува збор.
Се плашам дека ова се последни избори на кои ќе се избере претседател Македонец. На слободни непосредни избори за претседател на Македонија. Да.

Веќе од следните избори услов за коалиција од страна на албанска партија, а без тоа власт овде нема, нели… услов за таква владина коалиција ќе биде премиерот да биде Македонец, а претседателот Албанец.

Али Ахмети уште овие, наредниве претседателски избори, ги поништи со нула. Ќе се бирал кандидат кој ќе добие консензус од партиите. Под консензус, редовно, се подразбира задоволување на албанските услови.

Профилот на идниот македонски политичар нема обездателни услови во авторитет, чесност, образование… тој мора само да се грижи дали им се допаѓа на Албанците. Евентуално, и да има возачка дозвола. Се друго следи потоа.

Тоа што Ахмети не само што не се грижи за наклоност на Македонците, туку и пукаше година дена врз нив, за дел од Македонците е препорака. Таков им е карактерот. Битно им е да падне Груевски, па шта кошта – да се плати.

Ако така и биде, а ќе видиме дали ќе биде консензуален избор, тоа значи дека уште сега следните парламентарни избори не се легални. Имено, според законот, претседател се избира со слободна воља на граѓаните, на слободни непосредни избори. Значи, воља на граѓаните, а не на партиите.

Ако биде по вољата на Ахмети, нам не ни требаат претседателски избори.
Нека се соберат четворицата лидери во Шипковица или Мала Речица, и нека се договорат кој е идниот претседател. За појачање на динамиката, и обезбедување разговор без пукање и калаши на маса, ќе бидат присутни амбасадорите на САД и Европската унија. Во случај да нема заедничка согласност амбасадорите, за секој случај, ќе имаат свој кандидат.
Тезата на Фрче и СДСМ дека нам ни треба протекторат, е тука.

Заради формалното правење филм за слободна држава, а не етничка племенска федерација, подоцна официјалниот состанок, и соопштување на договореното, ќе се изврши во Клубот на пратениците. Во Скопје.

Така ние ќе воведеме економична демократија. Без избори.
Инаку, кандидатите за претседателски избори веќе се вртат. Некои се навистина предмет на планови, а други сами себе се промовираат по медиуми.

Ахмети, без задршка, изјави дека за него не е прифатлив повторен избор на сегашниот претседател Ѓорѓи Иванов. Не им бил по вкус на Албанците. Други аргументи Ахмети не изнесе против шефот на државата.

Кој мислел дека е иронија, или претерување претходната констатација дека за профилот на идниот македонски политичар е битно само дали го бендисале Албанците… по ова, и во живо, ќе види дека е тоа реален факт.

Ѓорѓи Иванов е пример. И жртва.
Што се однесува до мене, сметам дека Иванов коректно и стручно си ја врши, и ќе ја доврши својата мисија. Недостатокот на харизма го надомести со стручност и принципиелност по сите битни национални и државни прашања. Без ниту една грешка, без ниту еден инцидент или афера, го истурка мандатот.

Тоа дали треба да добие нова шанса, и нов мандат, не зависи само од овие, добри препораки кои ги покажа последниве пет години. Зависи и од проценката на задачите и предизвиците што не чекаат во идните пет години.

А Али Ахмети, пратеници на ДПА, и Ермира Мехмети… поставија нови, неевропски и недемократски теми: етнички, верски и средновековни.

Не е фраза, ние во наредните пет, и помалку од пет години, мора да влеземе во НАТО и Европската унија. Не дали треба, мора. И тоа не е само наш интерес. Долгорочно, колку наш тоа е и интерес на Грција.

Ако пет години поминат без влез во НАТО и Унијата, Македонија веќе нема што да чува, и сочува, потоа. А Грција ќе има три албански држави за сосед.

Согласно дека после секои избори Ахмети и Тачи бараат нови услови за влез во влада што би ја прифатила меѓународната заедница, сосема сум сигурен, дека после два изборни циклуси, а тоа се најмногу осум години, Македонија ќе биде двојазична држава. Со два службени јазици. Македонски и албански. Во НАТО и Унијата, потоа, би влегле како двојазична држава.
А со тоа, прилично се релативизира значењето на македонскиот јазик како национален белег, и легитимација на македонската држава во светот.

Со што си влегол во НАТО и Унијата, со тоа и ќе те третираат, а со тоа и еден ден ќе излеземе од тој сојуз.

Кон ова, закана се и средновековните критериуми на ДУИ и ДПА.
Македонија е на граница на верска поделба пола-пола. За десетина години бројот на приврзаници на исламската ќе се израмни со оние од христијанската вера. Уште сега бројот на џамии е скоро рамен на бројот на цркви. Кај новоизградени светилишта, две џамии се градат на една нова црква. Македонија е на праг да стане четврта муслиманска држава во Европа. После Албанија, Босна и Косово.

Барем пет века назад, и барем два во иднина, Европа има претпазливост, до ниво на одбивност, кон муслиманските држави. Доказ е Турција.

Односот на Европа кон нас, во таква ситуација, ќе биде дистантен.
За Грција е од исклучителна важност Македонија да постои, и опстои ваква. И ваква да влезе во Европа. Уште поважно е тоа за Бугарија и Србија.

Половина од новородените годинава, во Бугарија, не се етнички Бугари. Србија губи по еден град, колку Велес, секоја година заради мал наталитет. Во анкета, објавена деновиве и кај нас, Грците најголема опасност чувствуваат од Албанија. Колку и, во моментов, да звучи еретички за иднината на македонската нација, една од клучните точки е можната соработка со Грција. Тие се една од највлијателните нации во Европа. Со моќ, сила и енергија да дејствуваат.

Србија е проверен сојузник на Македонците, од АСНОМ па наваму. Бугарија, ако не по избор тогаш од немукает ќе биде сојузник во постоењето и опстанокот на Македонците како спас од исламизација западно, кога веќе не им бега онаа која ги потиснува од југ.
Дали е ова нова политика на Балканот. Не, таа веќе се случува.

Турција влегува и освојува на Балканот по верска линија. Нивни најблиски соработници, и сојузници, се Албанија, Босна, Косово и муслиманските заедници во Македонија и Бугарија. Обашка што албанските партии ја нагласуваат својата верска и политичка блискост со Турција, и така го доведуваат во сомневање пријателскиот однос кој Турција, досега, го има кон Македонија. Но, така е додека Грција ни е заеднички проблем. Ако проблемот го решиме, што потоа.

Верската линија, која ја наметнуваат ДУИ и ДПА, не е добар основ за демократски план и развој. Тоа е точно. Тука не се работи за верските разлики и конфликти. Се работи за искуство и слобода. Ако во Албанија, особено во Косово, постои интензивно и од никого не попречувано етничко чистење и асимилација на различните, кои се доказите дека кај нас би било поинаку.
Ермира Мехмети пред некој ден изјави дека и пречи градбата на крстот во Аеродром. Тоа и личело на обележување територии, и на Белфаст. Што сака да најави Ермира Мехмети… нови конфликти, ако се градат цркви, или крстови…

Спречија изградба на црква во Струшко, на скопски плоштад, музеј-црква на Кале… политика ли е тоа, или верски фанатизам на ДУИ.

За разлика од Ермира Мехмети, имам респект кон нејзината вера. Мене новите џамии не ми пречат. И не мислам дека заради џамиите живеам во Бејрут. Само да бидат легално, и во законска постапка изградени.

Такви, и слични, предизвици го чекаат идниот македонски претседател.

Во такви моменти, ни на сон не би гласал за човек од СДСМ. Особено не во битни историски денови. Ги видовме како го продадоа името. Видовме каква територијална поделба ни спакуваа. Видовме како ја бушеа Македонија во 2001.

И… што ќе биде? Се уште ние решаваме за себе, но и тоа не е засекогаш.

Драган П. ЛАТАС за www.vecer.com.mk