ФОТО: „Канли Чаир“ – археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко

„Канли Чаир“ е археолошки локалитет стар 8.000 години. Станува збиор за предисториски локалитет сместен во атарот на населбата Дамјан, на 250 м јужно од магистралниот пат (Штип-Радовиш-Струмица).

Локалитет стар 8.000 години

Според проценките на археолозите локалитетот датира од 6-тиот милениум пред новата ера, односно станува збор за локалитет стар околу 8.000 години.

Во текот на вчерашниот ден Градоначалникот на општина Радовиш г-дин Сашко Николов оствари средба со архелозите кои во изминатиот месец работеа на локалитетот „Канли Чаир“ во Дамјан.

„Канли Чаир“ - археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко
„Канли Чаир“ – археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко

Од страна на Елена Стојанова Канзурова, археолог од НУ Археолошки музеј на Македонија од Скопје – градоначалникот Николов беше запознаен со истражувањата кои се спроведоа, како и со информациите што досега се добиени за оваа неолитска населба.

Во изминативе неколку децении, предисторијата во југоисточниот дел на Македонија е многу малку истражувана и како последица на ваквата состојба, многу научни прашања останаа без соодветни одговори.

Археолошкиот предисториски локалитет  Канли Чаир е сместен во атарот на населбата Дамјан, на 250 м јужно од магистралниот пат (Штип-Радовиш-Струмица).

Годишните археолошки истражувања на овој локалитет кои се во финална фаза се продолжение на првите ископувања реализирани во 1987 и 1988  година.

„Канли Чаир“ - археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко
„Канли Чаир“ – археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко

Археолошките  резултати покажаa дека предисториската населба хронолошки му припаѓа на младото камено време – неолитот (VI милениум пред н.е)  и култоролошки се совпаѓа со населбите од Анзабегово, Вршник во регионот на Овче поле но и со доцнонеолитската населба во Ангелци во струмичката котлина и со населбите по текот на реката Долна Струма во соседна Бугарија. Ако се направи груба пресметка, тогаш може да се заклучи дека станува збор за локалитет стар 8.000 години.

Пронајдени поголем број артефакти

Во истражуваниот простор добиени се значајни информации за материјалната и духовната култура на жителите на оваа неолитска населба со што се збогатени скромните сознанија за предисторијата  во југоисточниот дел на  Македонија.

„Канли Чаир“ - археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко
„Канли Чаир“ – археолошки локалитет стар 8.000 години во радовишко

Меѓу другото, откриени се остатоци од станбена архитектура – куќа и  во нејзиниот внатрешен простор пронајден е дел од недвижниот покуќнински инвентар – печка.

Откриени се камени алатки,  фрагменти од керамички садови за секојдневна употреба, но и фрагментирани садови за посебни ритуални активности со разни декорации што се потврда за високата естетска умешност на населението од оваа неолитска населба. Како потврда за нивниот духовен, религиозен живот се антропоморфните фигурини, разните амулети, стилизираните зооморфни керамички претстави како мали стилизирани биковски глави.

Новите археолошки истражувања се во организација на НУ Археолошки музеј на Македонија од Скопје, како дел од годишната програма за работа на оваа институција, финансирани од Министерството за култура на Република Македонија.

Раководител на истражувањата е м-р Елена Стојанова Канзурова, археолог од НУ Археолошки музеј на Македонија од Скопје во соработка со стручен тим од НУ Завод и Музеј Штип, НУ Музеј на Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.