Капацитетот затворен во време на транзицијата вчера профункционира повторно: Нови инвестиции, нови вработувања

Во моментов во компанијата се вработени луѓе, а до крајот на годината нивниот број се очекува да се зголеми на 100, а во последните пет години да бидат ангажирани илјада лица.

– По само една година од почетокот на преговорите со компанијата СТС Текстајлс ги реактивиравме погоните во „Нонча Камишева“ и почна да се реализира производство во Македонија наменето за извоз во Германија, Полска и Франција, а веќе се склучени договори за извоз во САД. За да го достигне ова ниво сопственикот веќе вложи три милиони евра за обновување на погоните во фабриката „Нонча Камишева“. До крајот на годинава се очекува вложувањата да достигнат до 4 милиони евра, а во наредните пет години до седум милиони евра, истакна министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф во поздравниот говор на отворањето.

Наумоф, кој беше директно вклучен во преговорите со сопственикот на германската компанија „Маркус туч“ нагласи дека во изминативе четири години успеал да привлече 29 инвестиции во земјава од 13 држави од кои, како што кажа, доколку условите дозволат се очекуваат инвестиции од околу 200 милиони евра во наредните пет години и отворање на 8.000 нови работни места.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека Владата во изминатите години работеше на подобрување на бизнис климата во земјата со цел да привлече странски инвеститори, но и да помогне на домашните.

– Резултатите од нашата работа се евидентни.Во изминатите години процентуалниот раст на македонската економија беше помеѓу највисоките во Европа, БДП денеска во однос на периодот од десет години е речиси удвоен, а двојно е зголемен и извозот од земјава. Имплементацијата на економските политики придонесе и за зголемување на просечната плата за над 70 отсто, за отворање на околу 170 илјади нови работни места и за намалување на невработеноста на рекордно ниски 23,1 отсто, рече Пешевски и додаде дека економските резултати ќе беа уште подобри доколку во изминативе две години немаше политичка криза.

luteks3

Нагласи дека голема улога во намалувањето на невработеноста и во економскиот раст и развој на земјата имаат странските инвестиции.

– Работевме напорно за да привлечеме реномирани успешни и квалитетни странски компании кои освен што ќе отворат нови работни места со своето искуство и знаење ќе придонесат во уште поинтензивен и побрз раст на економијата. Компанијата СТС Текстајлс односно нејзината ќерка фирма Лутекс која денес официјално започнува со работа е токму таква компанија. Станува збор за семејна и иновативна компанија со специфичен производ што се гради и води внимателно и која расте и се развива од година во година, рече Пешевски и прецизира дека фабриката во Македонија е прва на сопственикот Туч надвор од матичната држава.

Сопственикот Маркус Туч рече дека пред точно 630 дена првпат дошол во Македонија, земја за која што претходно ништо не знаел, а сега веќе има фабрика во која работат моментно работат лица, а до крајот на годината нивниот број ќе се зголеми најмалку на 100.

luteks6

– Во фабриката во Велес се инсталира една од најсовремените опреми која се користи во светот и моментно се произведуваат по 2.500 метри квадратни текстил на ден. Во наредните три месеци ова производство ќе се удвои, а до крајот на годината тука ќе се произведуваат по пет тони текстил на ден, рече Туч.

Најави дека планира производството да го шири и во следните четири до пет години и да го зголемува бројот на вработените, а наскоро како што кажа, ќе се отворат и нови оддели меѓу кои и оддел за шиење со кој ќе почнат да се извезуваат готови производи од Македонија за разлика од сега кога се изработуваат полуфабрикати.

Заменик – амбасадорот на Германија во Македонија, Марко Акватичи посочи дека Германија е најголем трговски партнер на Македонија во која, како што кажа, се извезува дури 47 отсто од македонското производство.

– Германија е позната како земја најголем извозник во светот, а Македонија бележи значајни суфицити со Германија и успеа во 2016 година за 13 отсто да го зголеми својот извоз, Акватичи.

Посочи дека во земјава функционираат 200 компании со германски капитал во кои има околу 15.000 вработени и додаде дека 75 отсто од германските инвеститори сметаат дека во Македонија има добра инвестициска клима и дека повторно би инвестирале во земјава.

luteks9

На вчерашното пуштање во работа на новата германска инвестиција во Велес присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој посочи дека договорот за отворање на оваа компанија беше потпишан минатата година, а сега веќе има педесетина вработени и планира до крајот на годината двојно да го зголемат бројот на вработени. Нагласи дека наредниот план е бројот на вработени да се зголеми од 500 и до 1.000 за четири до пет години.

– Планираат и нови инвестиции, бидејќи во моментов имаат производ којшто е индустриски текстил наменет за индустријата за мебел, во индустријата за чевли во внатрешниот дел на обувките, за изработка на армиски и полициски униформи, а ќе биде користен и за седишта на автомобили. Во моментов произведуваат полу производ што го извезуваат во Германија каде што се доработува, а потоа се извезува низ цела Европа. За неколку месеци ќе пристигнат и останатите машини и ќе имаат финален производ што директно ќе го извезуваат во повеќе држави низ Европа, додаде Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.