Капело доби нова шанса од Русија

Трофејниот италијански стручњак, Фабио Капело, потврди дека ќе биде предводник на фудбалската репрезентација на Русија и во квалификацискиот циклус за престојното Европско првенство во Франција.

Поранешниот предводник на Милан, Рома и Реал (М), беше посочен како главен виновник за очајните резултати кои “зборнаја” ги забележа на изминатиот Мундијал во Бразил, но и покрај острите критики, Капело ја доби потребната подршка од Фудбалската федерација на Русија.

„Секогаш сум подготвен да си заминам доколку луѓето не се задоволни од мојата работа. Но, челниците на рускиот фудбал ми дадоа полна доверба, сега е јасно дека останувам и дека и во иднина ќе работам со фудбалската репрезентација на Русија. Се надевам дека во следниот циклус ќе бидеме многу поуспешни“, изјави Капело.