Балкан

Капетан Драган ќе и’ биде испорачан на Хрватска

Капетан Драган ќе и’ биде испорачан на Хрватска

Драган Васиљковиќ, попознат како капетан Драган, кој во Хрватска е обвинет за воени злосторства, наскоро би можел да и биде испорачан на Хрватска откако австралискиот Врховен суд ја отфрли неговата жалба, пренесе Хина, објави МИА.

Како што пренесува аустралискиот ТВ канал „АBC News“, Васиљковиќ наскоро ќе и биде испорачан на Хрватска, освен доколку не интервенира тамошната влада.

Австралиската Влада во 2012 година одлучи да го испорача капетан Драган, но неговите адвокати успеаја да го пролонгираат предавањето со правни средства од кои последното беше жалбата до Врховниот суд. Тие тврдеа дека во овој процес се сторени процедурални грешки и прекршени се некои делови од Женевските конвенции.

Тоа беше последната судска инстанца која му остана на Васиљковиќ, а единствена работа која сега може да го спречи неговото предавање е евентуалната одлука на австралискиот министер за правда Мајкл Кин.

Хина потсети дека Васиљковиќ беше уапсен во Перт во 2006 година и од тогаш се наоѓа во затвор, освен периодот од 2009 и почетокот на 2010 година кога беше на слобода, по што врз основа на одлука на Врховниот суд тој повторно беше уапсен.

Австралиската Влада во ноември 2012 година донесе одлука капетан Драган да и се испорача на Хрватска, по повеќегодишното правно надмудрување и обидите на одбраната да го оспори хрватското барање за испорачување кое беше поднесено во 2005 година.

Хрватска го обвинува капетан Драган за воени злосторства сторени во време кога бил паравоен командант во Краина во 1991 и 1992 година. Според обвинението на обвинителството на Шибенско-книнската жупанија, Васиљковиќ мачел воени заробеници, наредил да се убијат и командувал со нападот врз Глина, во кој имало цивилни жртви.

Васиљковиќ, кој е роден во Белград и има австралиско државјанство, ги негира сите обвинувања.