Капетанот на потонатиот феробот се поклони пред семејствата на жртвите

Денеска биле пронајдени уште три тела во потонатиот ферибот во Јужна Кореа, а нуркачите ја продолжуваат потрагата по повеќе од 270 лица, кои исчезнаа во несреќата што се случи пред три дена. Најголем дел од исчезнатите се средношколци.

Тројца членови на екипажот, заедно со капетанот на фериботот се уапсени, под обвинение дека обидувајќи се себеси да се спасат ги напуштиле стотиците патници заглавени во фериботот.

На новинарско прашање упатено до уапсениот капетан Ли Џон-Сео, зошто на патниците им било наредено да не се движат повеќе од 40 минути од почетокот на тонењето на фериботот, Ли одговорил дека тоа била безбедносна мерка.

„Во тоа време не дојде брод за спасување. Немаше ниту рибарски бродови кои би спасувале или, пак, други бродови кои би помогнале. Мислев дека патниците ќе бидат однесени далеку и ќе паднат во неволја ако се евакуираа непромислено. Им се извинувам на сите луѓе во Јужна Кореја затоа што предизвикав немир, а пред семејствата на жртвите се поклонувам”, изјавил капетанот.