Ставрески: Капитални инвестиции и социјална стабилност се целите на ребалансот

Засилена развојна компонента и задржување на социјалната стабилност се двете основни цели кои се постигнуваат со ребалансот на буџетот усвен на вчерашната владина седница. Покрај тоа што 2015-та година имаше историски највисока ставка за капитални инвестиции, таа сега се засилува. Исто така, со ребалансот ќе се задржи и социјалната стабилност затоа што предвидени се пари за сите најавени владини мерки.

За ова во интервју за Сител, говореше министерот за финансии Зоран Ставрески, кој потенцира дека ребалансoт бил неопходен заради тоа што на приходната страна во првите шест месеци има над 10 милијарди денари повеќе пари од лани.

-За прв пат имаме вишок на приходи во буџетот во однос на планираното и тоа треба да се преточи во политики, мерки и активности кои ќе обезбедат искористување на тие средства, а притоа да се задржи стабилноста на буџетската позиција. Имаме за 14% повисоки приходи од ланските шест месеци или во бројка над 10 милијарди денари повеќе. Имаме за 6 процентни поени повисоки приходи од проекциите за овој период. Од тие причини овој ребаланс се прави на време за тие приходи да се распоредат на расходната страна, изјави Ставрески за Сител.

Дополнителни средства за повеќе проекти

Буџетот за 2015 година имаше историски највисока ставка за капитални инвестиции, таа сега се засилува.

-Издвојуваме дополнителни 1,2 милијарди денари за повеќе проекти. Дополнителни 370 милиони денари се предвидени за забрзување на изградбата на гасоводот Клечовце – Штип. Потоа дполнителни 377 милиони денари се планирани за изградба на водоводи и канализации. Издвојуваме нови 220 милиони денари за изградба на училишта и спортски сали во училиштата. Дополнителни средства ќе има и за реновирањето на студентскиот дом Гоце Делчев, вели Ставрески.

Со ребалансот ќе се задржи и социјалната стабилност

Покрај тоа што дел од средствата се пренасочуваат кон дополнителни капитални инвестиции, со ребалансот ќе се задржи и социјалната стабилност затоа што предвидени се пари за сите најавени владини мерки.

-Предвидовме пари за зголемувањето на студентските стипендии од 10% како и за непречена исплата на зголемената социјална помош од 10%. Ќе има доволно средства до крајот на годината редовно да се исплаќаат сите тие работи, а во буџетот ќе има пари и за најавеното зголемување на пензиите во октомври, вели Ставрески.

Макроекономските параметри се задржуваат

Макроекономските параметри се задржуваат и по ребалансот. Дефицитот е таргетиран на 3,6% што е прближно на претходното ниво и обезбедува задржување на долгот на стабилно ниво. Стапката на раст се ревидира надолу од 4% на 3,5%, а прилина за ова според Ставрески, е политичката криза во земјата и кризта во еврозоната заради грчкиот долг.

-Буџетските проекции секогаш мора да се реално и стручно направени. Случувањата во првите шест месеци од годината мора да се рефлектираат на буџетот до крајот на годината како и на растот на БДП. Во првите три месеци имавме солиден раст од 3,2%, но во вториот квартал заради пролонгирањето на политичката криза ккао и неизвесноста од случувањата во Грција и еврозоната, очекуваме извесни рефлексии на индустриското производство и на другите параметри. Затоа во оваа фаза сметаме дека растот ќе изнесува 3,5% до крајот на годината, додава вицепремиерот и министер за финансии.