Капиталните инвестиции се двојно повеќе отколку во 2005 година

Капиталните инвестиции во земјава во последните години во просек бележат раст од по 20 проценти годишно. Во следната година  проектираните капитални инвестиции во буџетот  се за над 200 проценти поголеми од оние во 2005 година кога изнесувале 10,19 милијарди денари. Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2015 година се проектирани на повеќе од 21 милијарди денари.

Владата догодина ќе одвои 340 милиони евра за капитални инвестиции. Буџетот за 2015-та предвидува финансирање на капиталните проекти во железницата, патната инфраструктура, гасификацијата, образованието, здравството, руралниот развој и културата.

Вкупно, капиталните инвестиции се проектирани над 21 милијарда денари. Од нив за Коридорот 10 планирани се 3,4 милијарди, а во железницата 1,3 милијарди.  За водовод и пречистителни станици ќе се одвојат 1,7 милијарди денари, а за гасификацијата 258 милиони.

1,7 милијарди денари се предвидени за програмата за рурален развој преку која ќе се инвестира во повеќе проекти за општините и за изградба на хидросистеми. За доизградба на зоните во кои се најавува влез на повеќе инвеститори предвидени се 535 милиони денари.

Податоците по години покажуваат дека вкупните капитални инвестиции во 2010 изнесувале 15,33 милијарди денари, во 2011 година 17,71 милијарди, во 2012 биле 18,76 милијарди, додека во 2013 година 19,30 милијарди. Во 2005 гоина капиталните инвестиции изнесувале 10,19 милијарди денари.  Гледано по години растот на капиталните инвестиции во 2010 година во однос на 2005 е 50 проценти, во 2011 година 74 проценти и во 2012 во однос на 2005 за 84 проценти.

За Универзитетскиот професор Димитар Ефтимов добро е што Буџетот за 2015 година е насочен кон капиталните инвестиции од кои корист ќе имаат сите граѓани во нашата земја.

-Користа од капиталните инвестиции ќе почувтсвуваме и ние и идните генерации. Јас гаранитрам дека тоа ќе биде така. Иако на многумина не им се верува, бидејќи до сега имале негативни искуства и сеќавања, сепак реланоста е дека нашите поколенија, па и ние ќе сведочиме за бенефитот од ваквите политики, вели Ефтимов.

За инвестиции во здравстени установи се предвидуваат над 529 милиони денари, за ПЕТ центарот 350 милиони. Во образованието, за изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. Во високо образовните центри проектирани се инвестиции од 737 милиони денари. Ќе се издвојат 295 милиони за спортски сали, 138 милиони за детски градинки и 360 милиони за лаборатории.

Експертите сметаат дека генерално, капиталните инвестиции вообичаено претставуваат една движечка сила на вкупниот економски растеж во економијата. Според нив, капиталните инвестиции, особно тие во областа на градежништвото се оние кои би требало да претставуваат локомотива на економскиот растеж затоа што тие ќе бидат во областа на инфраструктурата, хидроцентарли, патна сообраќајна мрежа, железнички сообраќај и така натаму. Сето тоа би предизвикувало позитивни влијанија врз целината на очекуваниот економски растеж во 2015-та година.