Македонија

Капиталните проекти двигател на стопанството

Капиталните проекти двигател на стопанството

Капиталните проекти и годинава се главен двигател на стопанството. Изградбата на новите автопати, на локални и регионални патни правци, рехабилитацијата на железницата, на гасоводот, вложувањето во објекти во делот на образованието, здравството, културата, повлече голем ангажман на домашната градежна оператива, а со тоа и на низа други индустриски поврзани гранки. Македонија го живее својот градежен бум. Од државната каса годинава ќе се одвојат 340 милиони евра за капитални вложувања, но дополнителни средства се реализираат преку Агенцијата за патишта, ЕЛЕМ, МЕПСО, со што се комплетира целосната слика, па оттука и не треба да изненадува проектираната стапка на раст на градежништвото од 7,5% на реална основа, пишува Лидер.

Нови патишта за зголемена конкурентност

Во овој момент во Македонија се градат три автопати. Механизацијата веќе неколку години активно работи на делницата Демир Капија – Смоквица, со што Коридорот 10 се комплетира на ниво на автопат. Веќе се завршени 55% од планираните работи. Работата е напредната во делот на тунелите и тука се готови 76% од зафатот, а во делот на мостовите сме на половина пат, но веќе е извесно дека ќе биде испочитуван крајниот рок – септември 2016 година. Целата инвестиција на делницата од 28 километри изнесува 270 милиони евра: 130 милиони се од ЕИБ, 45 милиони се обезбедени преку ИПА грант од ЕУ, 107 се од ЕБОР, 6 од државната каса.

Во полн ек е и изградбата на двата нови автопати: „Мајка Тереза“ од Кичево до Охрид и „Гоце Делчев“ од Скопје до Штип, две исклучително значајни делници. Првата го поврзува главниот град со економскиот центар на истокот, втората е врска до најголемиот туристички центар на Македонија. Првата е во должина од 47 километри, втората од 57 километри, но минува низ многу потежок терен за работа. Сепак, и во вакви тешки временски услови, со снег во пролет, механизацијата е на терен и го пробива тунелот кај Пресека.

-Македонија е претворена во едно големи градилиште, се реализираат голем број инфраструктурни проекти, вели министерот за транспорт, Миле Јанакиески.

Реализацијата на овие три проекти значи и нови 132 километра автопатска мрежа, што претставува дури половина од постојната!

Со помош на ЕБОР до нова инфраструктура

Освен изградбата на новите автопати, санацијата на делницата Скопје – Велес – Скопје, годинава и идната стартуваат и новите проекти финансирани од ЕБОР. Со заем од 160 милиони евра ќе се среди најлошата делница од патот Градско – Прилеп, ќе се поврзат Штип и Кочани, Охрид и Пештани, додека ново автопатско решение е предвидено од Струга до Требеништа.

-Изградбата ќе значи ангажман на домашни фирми и работници, подигнување на БДП за време на реализацијата на овие проекти, а долгорочно ќе се подобри конкурентноста на економијата, бидејќи ќе се отворат нови патни правци, а Македонија ќе има подобра патна инфраструктура,  вели првиот финансиер, Зоран Ставрески.

Железницата го менува ликот

1,3 милијарди евра тежи инвестицискиот циклус во патната и во железничката инфраструктура. Во тек е реконструкцијата на железничката станица во Скопје, пристигнаа дел од товарните вагони, патничките гарнитури доаѓаат налето, а веќе се прави и пругата кон Бугарија, градежен зафат ветуван од многу гарнитури. На првата делница се работи под полна пареа, за втората е потпишан договорот и изградбата почнува кон средината на годинава.

-Овој коридор и железничко поврзување со Бугарија ќе претставува нова порта кон ЕУ, нова врска и со турскиот пазар, со што на нашите стопанственици ќе им се отворат дополнителни можности да ги развиваат нашите бизниси, објаснува Билјана Милошеска од канцеларијата на ЕБОР во Скопје, институцијата што го финансира делот од Белјаковце до Крива Паланка.

Набавката на новите вагони ги зголеми апетитите и на МЖ-Транспорт да се позицинира како водечки транспортен оператор во земјава. Првиот човек на компанијата, Никола Костов, вели дека по пристигнувањето на новите вагони веќе ги обновиле разговорите со големите индустриски капацитети и дека очекува за двојно зголемен обем на транспорт, што повторно ќе го повлече економскиот циклус.

Почна да се гради и гасоводот!

Пониски трошоци за граѓаните и за компаниите и зголемена конкурентност на домашната економија ќе донесе изградбата на магистралниот гасовод. Руската компанија „Стројтрансгас“  веќе ја гради делницата од 61 километар до Штип.

-Она што долги години само се зборуваше, она што многумина го ветуваа, денес станува реалност. Изминативе години макотрпно работевме да дојдеме до овој почеток на изградба на гасовод, затоа што најголемата придобивка е за граѓаните. Можноста да се користи гас во домаќинствата значи помали сметки за струја и греење, што директно ќе се одрази на буџетот на граѓаните. Во економијата, употребата на поевтин енергенс ќе значи поголем профит за компаниите, поголема конкурентност на домашниот производ, подобри услови за водење бизнис, што ќе се резултира и со нови работни места во државата, вели премиерот Груевски.

Економски бенефит ќе има и за време на самата изградба на гасоводот.

-Ќе се раздвижи градежната оператива. Ќе се овозможат нови вработувања при изградбата на магистралните гасоводи и дистрибутивните мрежи, а нови работни места ќе се отворат и во делот на експлоатацијата и одржувањето, смета директорот на МЕР, Крсте Миладинов.

Крупните инфраструктурни проекти, во комбинација со странските инвестиции и домашните бизнис играчи се очекува да бидат главните носители на економскиот раст годинава, проектиран на 4 проценти.