„Капкон“ ќе отвори 400 нови работни места

Македонската Влада и американската компанија „Капкон“ денеска го потпишаа договорот за инвестирање во Македонија.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, истакна дека со потпишувањето на овој договор, Македонија се вклучува во друштво со САД, Кина, Германија, Италија, Мексико, Бразил, Тунис каде „Капкон“ има свои фабрики. Тој истакна дека оваа реномирана компанија од автомобилската индустрија ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња наменети за пазарот во Европа.

„Оваа инвестиција целосно се вклопува во напорите на Владата да се привлечат глобални, реномирани компании кои ќе направат значајни промени во екомонијата и тие се случуваат. Во зоните се отворени 11.000 вработувања, а во следниот период се очекува уште 13.000 работни места“, посочи Ставрески.

Министерот Ставрески додаде дека со инвестициите се забележуваат позитивни промени во македонската индустрија.

„Кумулативниот извоз од фабриките во зоните со крајот на ноември изнесува милијарда и шеесет и два милиони евра што е голем придонес за раст на извозот. Извозот од зоните е во рапиден пораст и Македонија со него ќе постигнува добри резултати и во времиња кога економијата во Европа не е толку добра“, нагласи Ставрески.

„Капкон“ својата фабрика ќе ја гради во индустриската зона во Скопје и таа ќе биде готова во втората половина на 2015 година. Инвестицијата е вредна 18 милиони долари, а ќе се вработат 400 лица. Ставрески додаде дека „Капкон“ ќе извезува во цела Европа и дека е предвидено во иднина таа да соработува и со македонски домашни компании.