Капушевски: Ако Жерновски најде подобар инвеститор, ние ќе му дадеме гратис проект

Компанијата „Сиз Балкан“, која што ја купи парцелата на која се наоѓаат игралишта за тренинг на ФК „Вардар“ во Градскиот парк, со цел изградба на Фудбалска акдемија за деца до 12 години, денеска ги демантирше обнинувањата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, дека се раскрчмува државното земјиште за багателни суми.

Оттаму, на Жерновски му порачаа, aко успее за еден месец да најде друг инвеститор, кој во изгрaдба на објектот ќе вложи два милиони евра, а во купување на парцелата 550.000 евра, тие ќе се повлечат, а во знак на добра волја бесплатно ќе му го дадат веќе изработеното идејно решение за изгледот на спортската академија. Потоа, компанијата ќе побара друга локација на која ќе тренираат децата од овој фудбалски клуб.

– Нашата компанија се јави на транспарентен оглас за купување земјиште и бевме единствениот понудувач на електронската аукција. Согласно ДУП-от од општина Центар, на ова место се предвидува објект за спорт и рекреација. Нaшата групација преку компанијата „Сиз Балкан“, која е првата компанија основана од Сергеј Самсоненко пред седум години, има за цел инвестирање во фудбалски центар за деца до 12 години, кој ќе биде во функција единствено за ФК Вардар, истакна Ратко Капушевски, проект-менаџерот во „Сиз Балкан“.

Проектот предвидува три фудбалски игралишта, шест соблекувани, предавална за теоретска настава на децата, канцеларии за академијата и клубот, фан-шоп на ФК Вардар и кафетерија.

– Ние на оваа парцела ниту ќе рушиме држава, ниту ќе копаме земја, ниту пак, ќе ја загадуваме животната средина. Напротив, децата ќе добијат современи и модерни терени, кои досега ги немале. Овој проект е корисно и социјално добро за развој на спортот и спортскта инфраструктура, посочи Капушевски, и дополни дека оваа команија, освен придонес за спортот и подигнување на нивото на клубот на оваа парцела, нема никаков финансиски интерес ниту ќе реализира бизнис интереси.

Децата на овие фудбалски игралишта со години тренираат во супстандардни услови, без соблекувални и без тушеви. Конечно, се создава можност да тренираат во современ спортски центар, на што родителите, денеска го изразија своето задоволство и дадоа голема поддршка. Револтирани поради обвинувањата на Жерновски за наводното криминогено продавање на државно земјиште, тие јавно застанаа зад новиот проект, во корист на своите деца и спортот во земјава.

– Го прашувам градоначалникот на Центар, дали има деца и дали знае што е тоа љубов кон децата. На вакви луѓе треба да им се даде гратис парцелата. Од канцеларија ништо не се прави. Нека дојде кога децата се соблекуваат надвор, кога мрзнат, кога се натопени. Се нашол човек што сака да инвестира и сега ќе му правиме проблем. Зошто? На некому му смета? Бизнис сакаат да водат? Нека отиде некој во Металург да тренира сега. До половина е вода. Не е работата дали е Самсоненко или некој друг. Еве, зошто Минчо не направи?, реагира родител чии два сина тренираат во ФК Вардар.

Автор на идејното решение на Спортската академија е архитектот Тања Добровотски. Објектот ќе го гради фирмата „Балкан констракшн груп“, која исто така е во сопственост на бизнисменот Сергеј Самсоненко.

1

2