Каракамишева: Ако терминот nationality за Шекеринска значи државјанство, тогаш што би ѝ значел citizenship?

Ако терминот nationality според учената ни потпретседателка (и министерка за одбрана) Рада (Шекеринска) значел државјанство, а не националност, тогаш што ли во нејзиниот уникатен речник значи citizenship?, пишива во својот фејсбук статус универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска).

 

„Тешко и горко за Македонија со вакви ‘добри’ познавачи на суштинските термини што живот значат за секоја држава!

Враќајте под итно забрзани обуки за етно-политичките поими и термини за сите членови во Владата бидејќи мав ни е работава.

Иде Дунав ќе биде за Македонија со вакви трескања на јавна сцена.

Што ли сѐ се треска зад затворени врати само еден Господ знае.

Можам да замислам како ни се смеат под мустаќи Грците кога ги слушаат нашиве како трескаат и лупетаат.

Една вака набрзинка срочена обука за Шеќерната ни незналица.

Националноста Радо е етнички концепт. Повторувам ЕТНИЧКИ.
За разлика од националноста, државјанството (citizenship) е правен концепт. Повторувам ПРАВЕН.

Националноста еден човек ја самоодредува, или се самоидентификува со неа во согласност со етничката припадност на своите претци, согласно културните и традиционалните нитки кои го поврзуваат со неговите претци.

Државјанството Радо е нешто сосема друго од националноста. Државјанството е пред се јавно-правен однос на едно лице со државата каде е тој регистриран како државјанин.

Додека терминот националност произлегува од нацијата во смисла на суверен народ
кој доброволно живее во заедница на еднакви граѓани и кој се поврзува со етницитетот, со заедничката култура, јазик, традиција, историја, државјанството означува збир на права и обврски што граѓанинот ги има кон државата, но и државата кон граѓанинот.

Додека националноста се добива како резултат на природната врска што секој од нас ја чувствува преку личното припаѓање во одредена нација, и означува персонификација на нацијата, државјанството е правна врска, легален однос на човекот со државата. Значи додека националноста е збир на чувства, државјанството е збир на права и обврски.

Може да се родиш во Америка и по основ на раѓање да добиеш Американско државјанство, бидејќи тој правен однос е утврден во законите на Америка, ама сепак имаш право да останеш Македонец по националност затоа што твоите родители и твоите корени се Македонски.

Ако не ти е јасно како тоа функционира прашај кого сакаш од нашата дијаспора како е да бидеш Американец со Македонска националност.

Или прашај ги политичарите со кои се среќаваш на политички и високи средби како тоа функционира во нивните држави.

Сега појасно ли е Радо која е разликата меѓу националност и државјанство или ти требаат уште лекции?“, се наведува во статусот на професорката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.