Каракамишева: Џафери ќе се соочи со кривична одговорност, ако ги заобиколи поднесените амандмани

(ФБ статус на универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска)

АКО ТАЛАТ ГИ ЗАОБИКОЛИ ПОДНЕСЕНИТЕ АМАНДМАНИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, ЌЕ СЕ ПОКРЕНЕ КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ПРОТИВ НЕГО

Целата смислена и скувана тактика за заобиколување на поднесените амандмани од страна на ВМРО-ДПМНЕ по однос на Законот за јазиците од страна на т.н. претседател на Собранието Талат Џафери, на ДУИ и на СДС, се базира на член 165 од Деловникот каде стои дека Претседателот на Собранието може расправата по предлогот на законот, амандманите и другите акти од надлежност на Собранието да ја заклучи, а за гласањето по истите да одлучи да ги помине без никаква расправа.

Каде е злоупотребата на Деловникот и на позицијата претседател на Собранието во овој конкретен случај?

Прво, злоупотребата е во неколку члена на Деловникот кои го уредуваат правото на претседателот на Републиката да стави вето на одреден закон, правото врз основа на неговите забелешки да се поднесат амандмани, што е суштинска цел на секое вето, како и правото на подносителот на амандманите да може да ја оствари процедурата на разгледување на амандманите така како што е пропишано во Деловникот.

Имено, во член 173, став 2 стои дека ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање и по повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Во член 164 од Деловникот стои дека во текот на третото читање Собранието расправа и одлучува само по членовите на кои се поднесени амандмани и одлучува за предлогот на законот во целина. Она што е клучно е дека претресот по амандманите се одвива во согласност со членот 153 на Деловникот.

Во членот 153 стои дека за секој амандман се води претрес и се гласа одделно. Ако на иста одредба од предлогот на законот се поднесени два или повеќе различни амандмани, за амандманите се гласа според редот по кој се поднесени.

Ако со некој од амандманите се предлага бришење на одделна одредба од предлогот на законот, прво се гласа за тој амандман и ако амандманот се усвои, не се гласа за другите амандмани на тој член. Ако на иста одредба се поднесени два или повеќе амандмани со слична содржина, на предлог на претседателот, работното тело може да одлучи по амандманите да се води единствен претрес, а да се гласа за секој амандман одделно. Подносителот на амандман може да го измени, дополни или повлече амандманот до завршувањето на претресот по амандманите на членот на кој тој поднел амандман.

Ова значи дека ако Талат одлучи да се повика само на член 165 и без расправа го стави на гласање Законот за јазиците, тој ги крши посочените одредби од Деловникот, за што ќе мора да понесе одговорност, бидејќи несомнено ја злоупотребува својата службена положба и овластување како претседател на Собранието и се става над Деловникот на Собранието на РМ. Неговата одговорност е директно поврзана и со ставањето на европско знаменце на закон што не се усогласува со европски правила, регулативи, директиви, поради што законот се најде на разгледување во нематично работно тело, што значи повторно прекршување на Деловникот на Собранието од страна на т.н. претседател.

Талат, пратениците на ДУИ и на СДС не се над Деловникот и во овој случај ќе мора да има конкретна кривична одговорност поради грубо прекршување на највисокиот акт за работа на Собранието!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.