Каракамишева: СЈО не е приватно гранапче за смокви, треба да каже каде е потрошен секој денар

Не постои орган во државата што има помал рејтинг од СЈО. Како што времето ќе поминува, ако Јанева сепак одлучи да не поднесе оставка и остане главна во СЈО, ќе гледаме нови циркуси, нови бламирања.

СЈО не е приватно гранапче за продавање смокви, туку треба да е сериозен, одговорен, професионален и крајно отчетен орган за секој потрошен денар. Наместо да ги срами граѓаните, треба да работи чесно, одговорно и во целосна согласност со позитивните прописи во државата, вели професорката Тања Каракамишева. Таа во разговор за Телеграф.мк нагласува дека финансиски извештај каков што презентира Јанева не смее да помине во Собранието.

Според професорката, Јанева покажува висок степен на непочитување и деградирање на законодавниот дом на државата.

– СЈО во континуитет ги губи својот углед и кредибилитет во јавноста. Рејтингот за граѓанската доверба во Јанева тоа најдобро го покажува. Не постои орган во државата што има помал рејтинг од СЈО. Тоа секако не е случајно, ниту пак тенденциозно и намерно може да биде изрежирано од власта или од некој друг.
СЈО ја нема граѓанската доверба само и само поради сопствената непрофесионалност и политичка пристрасност. Не случајно народот има кажано, резилот што сам си го правиш во јавноста, и најголемиот непријател не може да ти го смисли. Граѓаните врз основа на многубројните факти и дејствија што секојдневно ги следат во медиумите можат да донесат сопствен суд дали работата на еден орган е во согласност со законите и со правдата или не.
Информациите се достапни, јавни, и тие можат на најдобар начин и во вистинско светло да ја доловат вистината за нечие работење. Дополнително на ова, срамот што Јанева со последното интервју, но и со низа изјави дадени претходно му го нанесе на СЈО е голем и тешко дека ќе може да се „испере“. Џабе е ангажманот на цела армија активирани медиумски и правни „бранители“ на Јанева, џабе е вонредниот ангажман на бранителите пратеници од СДСМ, џабе е сè. Нема да се постигне никаков ефект со бранење на нешто што е неодбранливо. Целата оваа фурија од коментари и пишани текстови кои имаат цел да го ублажат срамот на СЈО во јавноста ќе биде контрапродуктивна затоа што граѓаните не почитуваат аматеризам и незнаење. Сите сме свесни дека незнаењето е како шуга, колку повеќе го чешаш (јавно го покажуваш), толку повеќе заглавуваш во него. Толку повеќе се шири и нанесува уште поголем срам. Како што времето ќе поминува, ако Јанева сепак одлучи да не поднесе оставка и остане главна во СЈО, ќе гледаме нови циркуси, нови бламирања, нови спектакли во процесирањето на предметите, и во настапите – нагласува професорката.

Каракамишева е убедена дека и во иднина ќе гледаме од Јанева одговори од типот „не ви кажувам“, „немам одговор“ и слично, што само ќе долее масло на веќе очигледното незадоволство меѓу граѓаните за работата на СЈО.

– Основното непознавање на правниот и политичкиот систем на државата што Јанева секојдневно го демонстрира, како и нејзината изгубеност во речениците и мислата, е сериозна работа на која мора да ѝ се стави крај. Не може ниту еден носител на јавна функција кога дава отчет за тоа како ги трошел народните пари да им одговара на пратениците со „не ви кажувам“. Јанева може да не им кажува на своите деца каде ги троши своите пари, но кога станува збор за народни пари, тоа не може да пројде. За секој потрошен денар Јанева е должна да каже каде и за која цел го потрошила. Во финансискиот извештај не е даден отчет за тоа каде се потрошени ни помалку ни повеќе 60 милиони денари народни пари. Ваков финансиски извештај не може да помине во Собранието. Не може да помине никаде. Самото поднесување на ваков фаличен извештај до пратениците во Собранието на РМ покажува срамен однос на СЈО кон народните пратеници. Покажува висок степен на непочитување и деградирање на законодавниот дом на државата. Покажува непочитување на граѓаните на РМ кои ги избрале пратениците, но и кои даваат пари од својот џеб за СЈО да може да постои и да работи. Ова е повеќе од скандал. На ова граѓаните, но и сите одговорни субјекти во системот мора да реагираат. Ваквото деградирање на законодавниот дом од страна на СЈО мора најостро да биде осудено и Јанева треба да понесе одговорност – вели професорката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.