петок, 28 јули 2017  |  Вести денес: 0

Каракамишева: СЈО покажа скандалозно непознавање на правото

tanja-karakamiseva

Поврзани вести

Специјалното јавно обвинителство (СЈО)  во овој период за жал на правничката фела и јавноста, покажа скандалозно непознавање на правото, истакна универзитетската професорка Татјана Каракамишева во вестите на ТВ Нова, откако СЈО побара од поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска да достави докази со кои ќе потврди дека не е виновна во предметот познат како „Тврдина“.

Ако веќе го познаваат правото, категорична е Каракамишева,  имаат проблем со политичкото спинување на правните одредби, бидејќи да барате нешто што го нема во ниту еден суд – обвинетата страна да достави докази дека е невина, е врв на искривување на правото во Македонија, вели професорката.

Таа барањето на ова обвинителство го нарече невиден блам и невидено девалвирање на сопствениот статус.

-И оние што не се правници знаат дека вина може да се докаже само во суд. СЈО веќе ја направи виновна екс-министерката со самото тоа што бара од неа да ја докаже нејзината невиност, постапувајќи како веќе да е донесена правосилна судска пресуда. Тоа е како доктор да каже дека пациентот е мртов, а тој е жив и треба да докажува пред јавноста дека не му фали ништо и дека е здрав и жив, спореди професорката.

Каракамишева критикувајќи ја работата на Специјалното јавно обвинителство рече и дека овој суд треба да ги заштитува човековите права, да обезбеди единствена примена на законот и правните акти, што се обезбедува преку познавање на Уставот и законите.

-Не можам да поверувам дека може да има толкави дупки во знаењето на овие специјални обвинители и им е дадено да вршат толкава работа. Сепак ова не им е единствениот гаф, имаше и други гафови кои докажуваа дека се работи за недоволна стручност и познавање. Изгледа дека не можат да се снајдат во целата постапка. Можеби времето ги гази и не внимаваат што испраќаат во јавноста, смета Каракамишева.

Најчитани вести