Македонија,Политика

Каракамишева- Јовановска: СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна

Каракамишева- Јовановска: СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна

СДСМ уценуваше и условуваше за предвремени избори, а сега се плаши од истите. И по смената на своето раководство, опозициската партија не застанува ниту зад сопствените барања и ставови, пишува порталот „Курир“.

Додека СДСМ пред точно една година притискаше и молеше за предвремени парламентарни избори, сега најголемата опозициска партија се исплаши од можноста да се одржат предвремени избори заедно со претседателските.

Колку СДСМ тогаш посакуваше предвремени избори, условуваше и уценуваше за истите говори и податокот што околу 100 лица симпатизери на СДСМ заиграа дури и оро пред штабот на партијата, поради тоа што Бранко Црвенковски успеал да договори предвремени избори заедно со претседателските.

За експертите ваквото однесување на СДСМ воопшто не е неочекувано, со оглед на фактот дека вакво однесување манифестирале и неколку пати досега.

Професор д-р Тања Каракамишева-Јовановска, во изјава за „Курир“ вели дека за партијата на Зоран Заев поимот утврден став е мисловна именка.

„Ретерирањето во политичките одлуки и движењето од една во друга крајност се клучни елементи и своевидни обележја на владеењето на СДСМ веќе подолг временски период.  Кај оваа партија поимот политичка конзистентност, како и утврден став за одредено прашање се мисловни именки. Оттука, воопшто не треба да не зачудува фактот дека и по однос на прашањето за предвремени парламентарни избори, кои патем речено се дел од мартовскиот договор за кој тие беа најгласни, имаат контрадикторни ставови и размислувања“, вели професорката.

Во изјавата за „Курир“, таа истакнува дека СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна.

„Се чини дека СДСМ стана заложник на сопствената политичка кујна чиј што главен готвач од позадина ги измеша рецептите и сега мака мачи како да го среди тој хаос и како да ги врати работите во колосек кој ќе биде прифатен како нормален. Политичката дезориентираност во СДСМ е веќе толку очигледна што главните политички актери во таа партија ќе мораат час поскоро и многу сериозно да се зафатат кон нејзина санација, а во интерес, пред се, на македонската демократија“, истакна Каракамишева-Јовановска за „Курир“.

СДСМ во февруари 2013 година играше “победничко оро“ за исполнување на нивната желба, предвремени избори, а сега, во февруари 2014 година бега како ѓавол од темјан кога станува се поизвесно одржувањето на тие предвремени избори кои социјалдемократите толку ги посакуваа, заедно со претседателските избори, впрочем како и што самите бараа.