Каракамишева: Правно е издржана можноста Заев да одговара за велепредавство

Во казнивото дело „Насилство спрема претставници на највисоки државни органи“ стои дека „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија со сила или со сериозна закана ќе го спречи нешто да стори или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, на Уставниот суд или на Врховниот суд на Република Македонија, ќе се казни со затвор најмалку четири години“, вели за Курир Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.

-Целата македонска јавност беше сведок дека Заев, во последниве неколку месеци, со континуираните медиумски изјави, но и на директните средби со претседателот на Владата, г-динот Груевски, инсистираше да се формира техничка влада во РМ, како еден од условите од кој не отстапува, и со кој постојано го условуваше враќањето на опозицијата во Собранието на РМ. Со ваквите постапки, директно се повредува чл. 90 од Уставот на РМ, каде јасно стои кому му се доверува мандатот за состав на Владата и како се избира Владата во РМ, смета Каракамишева.

Имено, во чл. 90 од Уставот, како што додава таа, се вели дека „Претседателот на РМ е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Во став 3 од овој член, натаму се вели дека „Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.

-Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, како и околноста утврдена во казнивото дело „Насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, каде јасно стои дека „оној кој со сериозна закана ќе го спречи нешто да стори или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, итн“. јасно го поткрепува основаното сомнение содржано во кривичната пријава, смета Каракамишева.

Од друга страна, кога се има основано сомнение за сторено насилство (кое не мора да биде секогаш од физичка природа, туку и од психолошки вид демонстрирано како уцени, закани и сл.) спрема претставници на највисоки државни органи, тогаш постои директна корелација кривичната пријава да се прошири и со основано сомнение дека е сторено и казниво дело од чл. 305 од Казнениот законик, казниво дело Велепредавство, кое гласи „Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

-Ако добро се анализираат наводите и информациите изнесени на прес-конференција од страна на претседателот на Владата на РМ, но и информациите од прес-конференцијата одржана во СДСМ, постои издржана правна можност во кривичната пријава на Заев да се надодаде и основаното сомнение за сторено казниво дело Велепредавство, заклучува Каракамишева.

Ова дело, посочува таа, го сочинуваат сите активности, информации и дејствија, кои се искористени во форма на упатена сериозна закана, во форма на уцена и постојан заканувачки притисок за формирање техничка влада, која не е уставна категорија во нашиот уставно-политички систем, па оттука претставува директна повреда на чл. 90 од Уставот каде на недвосмислен начин е предвидено како и кој формира Влада во РМ. Самото инсистирање поврзано со континуирано упатуваните уцени и сериозни закани на поинаков начин од уставно утврдениот да се формира техничка Влада претставува директен упад во уставниот поредок на РМ, односно инсистирање на неуставен и незаконски начин да се изврши смена на уставниот поредок на РМ.

-Уставниот поредок на РМ е поредок, систем во кој е утврден начинот на избор и начинот на кој функционираат државните институции во РМ, согласно Уставот на РМ и согласно законите на земјата. Уставниот поредок во формално-правна смисла, упатува на одредбите од Уставот, од законите, и од подзаконските акти кои се однесуваат на формата и на поставеноста на институциите во уставно-политичкиот систем на РМ, согласно начелото на поделба на власта. Во материјално-правна смисла, уставниот поредок е неговата содржина која е директно поврзана со граѓаните на РМ, кои преку демократски и непосредни избори ги избираат своите претставници во државните институции. Демократско изразената изборна волја на граѓаните е неприкосновена во секоја демократска држава, така што секој оној кој посегнува против изборната волја на граѓаните во насока на нејзина насилна промена или уцена за нејзино искривување, повикувајќи се притоа на институти кои се неуставни и незаконски во земјата, се соочува со кривична одговорност Велепредавство, односно врши соборување на изборната волја на граѓаните преку заканата за соборување на државните органи, вели Каракамишева.

Секоја сериозна закана упатена во форма на присилување на највисок државен претставник или орган да постапи на неуставен и незаконски начин, односно да воведе категорија во политичкиот систем која не е утврдена во највисокиот правен акт на земјата, според Каракамишева, претставува упад во уставниот поредок на земјата, а со тоа и упад во изборната волја на суверените граѓани.

-Оваа активност недвосмислено го повредува и чл. 2 од Уставот на РМ, дека „Во РМ суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на РМ власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување“. Секоја упатена уцена или закана од кој било за промена на изборната волја на граѓаните е директна повреда на чл. 2 од Уставот на РМ, удар врз изборната и врз уставната демократија во земјата, што дополнително го засилува основаното сомнение за сторено казниво дело Велепредавство, заклучува универзитетската професорка.