Каракамишева: „Способност, одговорност и отчетност“ – слоганот на модерното лидерство

Професорката Татјана Каракамишева Јовановска во Радио Слободна Македонија истакна дек политичката криза во земјата исфрли на површина бројни слабости во партискиот систем и во нивото на политичката култура на партиите.

Таа додаде дека „еден непобитен факт е дека на Република Македонија и е неопходно потребно ново опозициско лидерство кое ќе успее да го прифати и спроведе на дело главниот слоган на модерниот поим на лидерството Способност, одговорност и отчетност“.

-Политичкото лидерство во македонската опозиција ќе мора коренито да се промени. Тоа ќе мора да прерасне во вистинска развојна и динамична сила која конечно ќе се насочи кон интересите на граѓаните и на државата. Развојната сила на лидерството се оценува според тоа колку е успешен лидерот да креира прогресивна визија за државата, да ги вклопи своите следбеници во визијата, да им пронајде адекватно место во артикулирањето на визијата, и во исполнувањето на целите кои визијата несомнено ги носи.Токму оваа идеја е водилка на новото мото во политичкото лидерство кое се нарекува лидерство „за четири сезони“, рече Каракамишева.

Современото политичко лидерство се заснова на изборниот легитимитет. Својата основа ја гради и надградува на избори, согласно освоените изборни резултати. Вистински способниот лидер ја гледа партијата не само како механизам за остварување на своите лични амбиции и желби, туку како организација во која се земаат предвид најшироките интереси на граѓаните како вредности и цели на партијата. Токму оваа концепција е јадрото на современата политика на европското, и светското лидерство, додаде професорката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.