Каракамишева: Трајна забрана за промена на уставното име

Професорката Татјана Каракамишева Јовановска во својата емисија на РСМ вели дека „бисерите“ на Шекеринска изнесени на алџезеирскиот етер, како и последните „црни бисери“ на Заев дадени на косовската телевизија сериозно го отворија прашањето за преземање конкретни мерки и акции во насока на спас на националното достоинство и националната гордост на Македонците.

Таа додава дека веќе станува повеќе од очигледно дека неколкумина политичари, во спрега со неколкумина новинари во Република Македонија, одработуваат туѓи сценарија со единствена цел поткопување на темелите на македонската држава и разнебитување на македонските вредности до граница на непрепознатливост.

-Алармот е одамна вклучен. Потребни се итни и разумни акции кои ќе ја спречат оваа веќе видена фурија да ги внесе автентичните македонски интереси и вредности во вистински ќорсокак.
Потребно е итно спречување на политичката трговија со македонското име, идентитетот, самобитноста и ред други особености на македонскиот народ. Потребна е итна превенција од сé поочигледната стратегија за раскрчмување и докусурување на македонските вредности на т.н. „отворен пазар на идеи“.Време е да се направи и последниот чекор што недостасува за да се заокружи и запечати политичката целина наречена неменување на уставното име. Време е во Уставот на Република Македонија да се внесе уставен амандман со кој трајно ќе се забрани промена на уставното име, рече професорката.

Трајната забрана не само реторички, туку и на највисок уставно-правен начин, ќе го затвори прашањето за некакви идни можни политички калкулации со уставното име на земјата, и на правен начин ќе ја постави семакедонската црвена линија која ниту еден политичар, ниту една партија, буквално никој во државата нема да смее да ја пречекори.