Караманлис ја одби СИРИЗА да биде владин кандидат за претседател

Поранешниот конзервативен грчки премиер Костас Караманлис го отфрлил предлогот на владеачката радикална левица СИРИЗА да биде владин кандидат за претседател на земјата, соопшти весникот „Катимерини“, пишува МИА.

Според извори на весникот, премиерот Алексис Ципрас го запрашал Караманлис дали сака да биде владин претседателски кандидат во парламентарната процедура за избор на шеф на државата, планирана за следниот месец.

Караманлис побарал малку време за да размисли, по што го отфрлил предлогот.

Изворите на „Катимерини“ посочуваат дека Караманлис бил загрижен за опасноста од прифаќање на ваквиот предлог од страна на СИРИЗА во период кога новата владина политика може да доведе до судир со европските партнери.