Карамарко: Мост нема да успее да ја урне Владата на Хрватска

Првиот хрватски вицепремиер Томислав Карамарко вечерва изјави дека неговата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) со сета сила ќе се залага за опстојување на актуелната Влада на Хравтска, додавајќи дека е сигурен оти партијата Мост и нејзиниот лидер Божо Петров нема да успеат да ја урнат.

– ХДЗ со сета своја сила и енергија ќе се залага да опстане оваа Влада. Ниту Мост, ниту Божо Петров, без разлика во какво сценарио се вклучени, нема да успеат да ја урнат Владата, изјави Карамарко.

Како што јави Хина, ваквата изјава на Карамарко уследи по денешната телефонска седница на хрватската Влада, на која мнозинството министри му изразија поддршка на првиот вицепремиер и ја отфрлија иницијативата за негово разрешување.

На денешната седница на Владата, која ја сочинуваат Татковинската коалицијата, предводена од ХДЗ, и партијата Мост, 16 нејзини членови, вклучително и премиерот Тихомир Орешковиќ, се изјаснија против изгласувањето недоверба на Карамарко, додека министрите од редовите на Мост гласаа за негово разрешување.

По седницата, лидерот на Мост и хрватски вицепремиер Божо Петров изјави дека неговата партија не сака предвремени избори, но „не може да ги поддржува старите модели на однесување“.

– Верувам дека Карамарко ќе ја преземе одговорноста и дека Татковиснката коалиција ќе предложи нов кандидат за прв заменик премиер. Наша цел е стабилизација на Владата, но и воспоставување на нови стандарди во политиката, рече Петров.

Иницијативата за смена на Карамарко ја покрена опозициската Социјалдемократска партија (СДП) поради аферите кои ја потресуваат хрватската политичка сцена, а чии актери се првиот потпретседател на Владата и неговата сопруга Ана.

Петров вчера во изјава за весникот „Јутарњи Лист“ рече дека Карамарко повеќе не може да биде член на Владата на Хрватска и нејзин прв потпретседател и најави дека министрите од Мост на денешната седница ќе го поддржат предлогот за негово разрешување.

Тој нагалси дека раководството на Мост ја донело ова одлука уште во понеделникот и за тоа го известил Карамарко, по што, како што рече, му бил даден рок од 48 часа самиот да поднесе оставка.

– Мост во Саборот нема да го поддржи првиот потпретседател. Ако тој самиот не поднесе оставка, пратениците на Мост ќе гласаат за негово разрешување, истакна Петров.

Доколу 12-те пратениците на Мост ја поддржат иницијативата на СДП, опозицијата најверојатно ќе обезбеди доволен број гласови за разрешување на Карамарко.