Преку кариерните центри средношколците се упатуваат при изборот на професијата

Преку кариерните центри во училиштата средношколците кои се двоумат каде да го продолжат своето образование и за која професија да се определат, имаат можност да направат тестирање и да се упатат кон вистинската насока.

До сега во средните училишта во Македонија се отворени 53 кариерни центри. Според заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој денеска заедно со градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, го посети кариерниот центар во СУГС „Васил Антевски- Дрен“, ова е еден од најзначајните проекти кој се спроведува со поддршка на УСД во изминатите 5 години.

Станува збор за спроведување на една исклучително значајна реформа со чија што помош со отворање на овие кариерни центри се обезбедува поддршка во правилното насочување на учениците во изборот на нивното занимање. Имаме ученици кои учат во средни стручни училишта кои на еден начин делумно веќе се определиле за своето следно занимање, но секако од исклучително значење за нив е поддршката која што би им се дала со стручната помош која што им следува преку овие кариерни центри од страна на лиценцирани наставници. До сега се лиценцирани 180 наставници кои ја спроведуваат целата процедура, обуката и на еден начин поддршката во процесот на кариерното советување, а исто така е многу значајно затоа што дел од овие кариерни центри се во дел од гимназиите и тие таму се директна поддршка на учениците кои што учат во гимназиите во насока на избор на нивното знаимање, посебно заради тоа што по завршување на гимназијата следи период за запишување во високото образование, истакна Ристовски.

Заменик министерот е задоволен од тоа како се спроведува целиот овој проект. Како што рече, наставниците кои се дел од проектот се лиценцирани и одлично си ја вршат работата.

Денеска се уверивме и од самите ученици дека имаат корист и се задоволни од реализацијата на овој проект и Ве уверувам дека како ресорно министерство, со сите други надлежни институции ќе продолжиме со целосна имплеметација на проектот, бидејќи само на тој начин можеме да постигнеме вистинско поврзување во оној период од животот на учениците кој што им е неопходен во врзување на образованието со очекувањата и потребите на пазарот на труд и нивно вистинско и правилно вклучување во насоките и занимањата кои ќе им придонесат согласно нивниот карактер и квалификации најголем успех во она што значи предизвик на животот и вклучување во пазарот на труд, додаде Ристовски.