Карлос Слим ги извести македонските власти дека го презема ВИП

Карлос Слим ги известил македонските власти дека го презема македонскиот телекомуникациски оператор ВИП, дознава економски.мк. Најбогатиот човек на светот на 24 април го преземе Телеком Австрија, сопственикот на македонската телекомуникациска компанија ВИП.

Во известувањето испратено до македонската Комисија за заштита на конкуренцијата минатата недела стои дека Карсо Телеком БВ со седиште во Амстердам, Холандија се стекнува со контрола врз Телеком Австрија Актиенгелесшафт со седиште во Виена. Комисијата извршила премилинарно испитување, а конечниот одговор ќе го достави за десет дена.

Новиот сопственик на австриската Телеком вчера назначи и нов директор. Зигмунд Мајерхофер ќе биде извршен директор на Телеком Австрија во наредната една година на местото на досегашниот Ханс Чуден. Договорот со Чуден е раскинат три години пред неговото истекување, а тој функцијата ќе ја напушти на крајот на овој месец, јави Ројтерс.

Мексиканскиот милијардер Карлос Слим, по маратонските преговори со австриската влада, минатиот месец постигна договoр за преземање на Австриски Телеком. По потпишувањето на договорот со австриската државна холдинг компанија, компанијата на Слим, Америка Мовил соопшти дека за купување на преостанатиот удел во Телеком ќе понуди 7,15 евра по акција. За докапитализација, Слим ќе вложи милијарда евра, соопштуваат од неговата компанија.

Овој договор е основа за иден раст, иновации и солидни инвестиции во Telekom Austria”, изјавил извршниот директор на América Móvil, Даниел Хаџ. Благодарение на новиот договор, компанијата на Слим направи продор во Европа, имајќи предвид дека настојува да го прошири работењето надвор од Латинска Америка.