Касиљас ќе биде нов голман на Арсенал

Фудбалските медиуми на Островот, повторно ја форсираат приказната дека легендарниот капитен на Реал (М), Икер Касиљас се уште е незадоволен од статусот кој го има на “Сантијаго Бернабеу” и најверојатно ќе ја промени клупската средина за време на летниот преоден рок.

Репрезентативецот на Шпанија се уште не ја добил потребната гаранција од предводникот на “кралскиот клуб”, Карло Анчелоти дека во новата сезона ќе има статус на прв голман.

Освен дека сериозно размислува за промена на клупската средина, англиските медиуми ја пласираа и шпекулацијата дека Касиљас е најрасположен за трансфер во редовите на лондонскиот премиерлигаш Арсенал.
Легендарниот капитен на актуелниот европски клупски шампион веќе добил понуда за 4-годишна соработка, а доколку се пресели на “Емирати” за време на летниот преоден рок, Касиљас ќе си осигура годишна заработувачка од 6 мил. евра.