Касилјас сепак ќе „заглави“ на Сантијаго Бернабе ?

Преминот на Икер Касилјас од Реал Мадрид во Порто е пред пропаст по синоќешната средба која голманот ја имаше со раководството на „кралскиот клуб”, а во врска со финансиските барања.

Состанокот требаше да биде само формалност, на кој двете страни ќе си стиснат рака и ќе си посакаат среќа во иднина, но заврши како целосна катастрофа која не им носи добро ниту на Касилјас, ниту на Реал. Преговорите запнале околу парите.

Имено, во Порто се согласиле на голманот да му даваат годишна плата меѓу 2,5 и три милиони евра, а остатокот, до седум милиони, да го плаќа Реал. Сега, од Мадрид одбиваат такво нешто, а Касилјас не сака да си оди додека не ја обезбеди сумата што би ја земал ако остане во својот матичен клуб.

Освен тоа, Реал треба да го плаќа и данокот за фудбалерот, како во Шпанија, така и во Португалија што, исто така, е неприфатливо.

Целата работа сега создава една голема конфузија бидејќи за денеска од 14:30 часот беше закажано официјално збогување на Реал од Касилјас на „Сантијаго Бернабе“ и на него требаше да присуствуваат голем број навивачи на клубот. Најверојатно тоа ќе биде откажано, а проблеми ќе има и Рафа Бенитез бидејќи на неполна недела пред стартот на подготовките за новата сезона, се уште не знае на кој голман ќе може да смета.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.