Свет

Каспаров: САД треба да ја вооружи Украина и да го изолира Путин

Каспаров: САД треба да ја вооружи Украина и да го изолира Путин

Рускиот опозиционер Гари Каспаров ги повика САД и светот да ја засилат изолацијата на рускиот претседател Владимир Путин и да ја вооружат Украина, пренесоа француските медиуми.

Повикот беше упатен за време на неговото сослушување во Сенатот на американскиот Конгрес.

– Со тумор не може да се преговара. Слично на тумор Путин и неговата елита треба да бидат отстранети, изјави поранешниот светски шампион во шах.

„Борис Немцов беше убиен зошто можеше да биде убиен. Путин и неговата елита сметаат дека по 15 години на власт можат да прават што ќе посакаат. За нив нема црвена линија што не треба да ја преминат“, додаде Каспаров.

Сослушувањето во Сенатот официјално беше посветено на „руската агресија во источна Европа“ и ситуацијата во Украина, Молдавија и Грузија, соопштија француските медиуми.

На седницата на Сенатот учествуваше и поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили.

-Политиката на понудена рака на Западот кон Путин требаше да биде заобиколена откако Путин со го покажа вистинското лице пред повеќе од 10 години. Оваа политика, меѓутоа, беше продолжена, тоа го поттикна Путин и го делегитимира нашето опозициско движење, изјави Каспаров во Сенатот.

Според него, ситуацијата во Украина е природен след во една полициска држава, воспоставена во Русија, и затоа испораките на оружје за Киев треба да се извршат што е можно побрзо.

Гари Каспаров беше пријател и соборец на Борис Немцов, кој минатата недела беше убиен во Москва. Двајцата беа заедно во опозициското движење „Солидарност“.