Кастратовиќ: Со полна сала полесно до победа против Ларвик

„Вардарки“ во сабота ќе го играат првиот натпревар од четвртфиналните мечеви во женската ракометна Лига на шампиони.

Индира Кастратовиќ би сакала нејзините избранички да имаат огромна поддршка од трибините за време на саботниот натпревар против Ларвик. „Вардарки“ на овој натпревар ќе ја имаат улогата на домаќини, а целта е јасна, да се создаде што поголема предност во пресрет на реваншот во Норвешка.

Главна карактеристика на Ларвик е брзината, играат извонредни контранапади, но немаат премногу трпение во нападот, брзо ги завршуваат акциите. Верувам дека со одбрана како на последните неколку натпревари можеме да дојдеме до посакувана победа и резултат. Скандинавските ракометарки не сакаат груба игра, па со поагресивен настап во дефанзива би ги принудиле на повеќе грешки. Секако, многу значајно ќе биде и да имаме поддршка од трибините бидејќи пред полна сала полесно би стигнале до победата, изјави Индира Кастратовиќ, пренесе „Екипа“.