Кастратовиќ: Најважна е одбраната

Следниот противник на ЖРК Вардар е актуелен европски првак и домаќин на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите. Екипата на Ѓер е авторитет во европскиот женски ракомет, а историјата на овој спорт покажала дека таквите често имаат и осми играч во судиите, во официјалните лица, притисокот од трибините… Веројатно тоа беше главната причина да се избегне Ѓер, иако резултатите оваа сезона покажаа дека, на пример, е помалку квалитетен од еден Ларвик. Сепак, во таборот на вардарки никој нема намера однапред да размислува на евентуални пречки или не дај Боже изговори од таков тип.

“Јас како тренер не сакам да размислувам дали Ѓер ќе има ветер во грб, или не. Ние сакаме да го одработиме нашето в сабота. Ние имаме друга работа и сакаме да се фокусираме на тоа. Имаме луѓе кои ќе треба да реагираат ако случајно има повод за такво нешто”, беше јасна Индира Кастратовиќ.

Нејзината домашна задача беше да ја подготви екипата и вели дека сработиле добро досега.

“Знаеме сите што не очекува, овие две полувремиња во Скопје и во Ѓер. Работевме многу квалитетно, данскиот Есбјерг ни помогна да имаме што повеќе натпревари. Го познаваме Ѓер, знаеме дека се европки шампиони, но сега ќе дојдат во Скопје и затоа не треба да размислуваме за ништо друго. Многу анализиравме, особено се насочивме на натпреварите на Ѓер со Ларвик и видовме што можеме да извлечеме од тоа. Имаме наша тактика, знаеме кои се играчите од Ѓер кои можат најмногу да дадат и мислам дека можеме да ги запреме. Како и секогаш ќе речам дека најважна е одбраната и најважно е какви ќе бидат првите минути.”, продолжи Индира.

Овој пат нема нови повреди и сите ракометарки кои ги имаше на располагање во овој период се здрави и подготвени за битка. Тактиката е подготвена, физички се наоѓаат можеби во најдобар момент од цела сезона, важна ќе биде само мотивацијата. А за тоа, потребен е оној уникатен флуид во „Јане Сандански“ кој засега го ужива само машката екипа.

“И повторно ќе апелирам до сите љубители на ракометот да дојдат. Знаеме сите како е кога е полна салата, а како е кога не се исполнети трибините. Ова ни е најважен меч оваа сезона и затоа се надевам дека ќе ги усреќиме сите навивачи и сите во Македонија”
, заврши Кастратовиќ.

Извор: Спортмедиа.мк